Од бележникот на писателот Мишо Китаноски

Драги деца, писателите и во овој број ни овозможија да ѕирнеме во нивниот бележник и да откриеме што напишале најново, а кое сѐ уште не е публикувано. На наше големо задоволство први ќе ја објавиме новата песна на писателот и публицист Мишо Китаноски, насловена „Во Небрегово“.
Тој ѝ припаѓа на третата генерација македонски автори за деца. Негови песни се застапени во буквари, читанки, зборници и прирачници, како и во три антологии на македонската поезија за деца, издадени во странство. Песните на Китаноски се преведени на десетина странски јазици. Досега ги објавил збирките „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“, а наскоро од печат ќе му излезе книгата „Било еднаш едно дете“ – роман за детството на Блаже Конески, кому му е посветена и песната што ја објавуваме денеска. Само да потсетиме, негови делови исто така ексклузивно беа објавени на страниците на „Колибри“!


Во Небрегово

На Блаже Конески

Во Небрегово, куќа камена,
Убава, голема и – стамена.
Одаи, сараи од сончевина,
Од нив извира блажевина.
Во дворот ширно гумно,
и стожер, што вишнее – умно.
Лебец тука од клас се рони,
и сѐ така вилнее и ѕвони,
како јазикот наш, роден,
што го славиме на сет глас.
Тука е роден Великанот – Тој,
кој на измачениот народ мој,
Азбука му дари – мајковина
и, трајно ни остави порака:
– Јазикот е нашата единствена
и конечна Татковина.