Фото: Архива

Родољубивост или патриотизмот е силно поддржувачко чувство спрема својата родина односно татковина. Патриотизмот вообичаено се однесува на раѓање, негување и надградување силни чувства кон својот народ (нација или држава), што подразбира љубов кон својата држава, историја, национални и државни симболи, гордост за достигнувањата и културата, желба за зачувување на карактерот и основата на културата и себепронаоѓање со другите членови на нацијата. Патриотизмот односно родољубивоста има морален стандард или самиот е морална вредност. Поединецот од најмала возраст се воспитува да ги стави интересите на нацијата пред личните интереси или интересите на одредена група или партија

Повод: Скопска општина одлучи секој понеделник наставата во основните училишта да започнува со интонирање на државната химна

Силата и големината на една земја се во образованието, преку кое најмладите треба да се научат на патриотизам, поточно на љубов кон татковината, бидејќи само на тој начин тие млади личности еден ден ќе пораснат во возрасни луѓе што ќе работат за доброто на својата земја. Патриотизмот кај нас се чини го нема заслуженото место во општеството, за разлика од најголемиот број земји во светот, каде што патриотизмот се негува од најмали нозе, а односот кон татковината, кон националните симболи, е кренат на највисок пиедестал.

ОПШТИНА АЕРОДРОМ СО НОВИНА ВО ВОСПИТНО-ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ

Како една светла точка во сивилото на воспитно-образовниот процес кај најмладите прозвуче информацијата што деновиве масовно се коментира и споделува не само во медиумите туку и на социјалните мрежи. Станува збор за одлуката на градоначалникот на Општина Аеродром, секој понеделник, наставата на учениците во основните училишта во општината да започнува со интонирање на државната химна.
– Наставата во основните училиштa во Аеродром отсега секој понеделник ќе започнува со интонирање на македонската химна, затоа што почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст – рече општинскиот татко на Аеродром.
Имено, градоначалникот Муцунски додаде и дека станува збор за иницијатива со која се изразува почит кон татковината.
– Станува збор за иницијатива преку која изразуваме искрена почит кон татковината и со која имаме цел да ги издигнеме националното чувство и љубовта на дечињата кон Македонија, но и да ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција – напиша Муцунски на социјалните мрежи.

ДРЖАВАТА ДА СЕ ОБИДЕ ДА ГИ ЗАДРЖИ МЛАДИТЕ

Голем број граѓани ја поздравија оваа иницијатива, но исто така постоеше и еден дел и што негодуваше.
За дел од нив вакво нешто беше потребно во училиштата, бидејќи младите со современата технологија одамна не знаат ниту за патриотизам, ниту пак се оптоваруваат да научат нешто за него. Голем дел од нив особено се радува на оваа активност, бидејќи во ова историско разнебитување на Македонија токму тоа е потребно.
– Во ова време кога го изгубивме државното име, кога нѐ разнебитуваат од сите страни, кога Бугарија се обидува да нѐ асимилира, токму ова е тоа што им треба на младите генерации. Ние го знаеме ова, меѓутоа, со промената на учебниците, со бришењето на нашата историја за која нашите предци ги дале животите, младите навистина се без компас. Ова треба да се воведе во сите општини во Македонија. Голем дел деца не ја ни знаат нашата химна, а тоа е пораз за една држава – вели Славчо Милевски.
Некои од оние што негодуваат, пак, велат дека на оваа сиромаштија никому не му е гајле за патриотизам!?
– Треба државата да работи на подобрување на условите за живот во земјата. За кој патриотизам зборуваме, кога младите чекаат да заминат од земјава? Заминуваат да живеат во други земји, на други газди да им ги полнат џебовите, да плаќаат даноци во други држави. Дали е тоа патриотизам – вели Илија Трајковски.
Но, без разлика на спротивставените мислења, одлуката на Општина Аеродром може само да радува. Во ситуација кога сите земји и сите народи се гордеат со своите национални симболи и во секоја пригода со гордост ги истакнуваат, добро е и кај нас да се почне однекаде. За почеток, со интонирање на химната и простум да му се оддаде почит на своето: и од минатото и од сегашноста и од иднината!