Три континенти и шест земји ќе го пречекаат и ќе го обединат светот додека заедно ги славиме прекрасната игра, стогодишнината и светските првенства, вели претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, по одлуката на Советот на ФИФА, Мундијалот во 2030 година да се игра во Мароко, Португалија и во Шпанија, а првите три меча во Аргентина, Парагвај и во Уругвај

ФУДБАЛ – СП 2030 ЌЕ СЕ ИГРА ВО ШЕСТ ЗЕМЈИ

По опсежни консултации со сите конфедерации и со оглед на важноста на одбележувањето на стогодишнината од Светското првенство (СП), Советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) донесе одлуки во врска со домаќинството на СП 2030, на стогодишнината од првиот Мундијал, па во 2030 година Светското првенство ќе обедини три континенти и шест земји, поканувајќи го целиот свет да се приклучи во прославата на прекрасната игра, пишува ФИФА.
Советот на ФИФА едногласно се согласи дека единствена кандидатура ќе биде комбинираната понуда на Мароко, Португалија и на Шпанија, кои ќе бидат домаќини на СП 2030 и на Мундијалот ќе се пласираат автоматски. Дополнително, земајќи го предвид историскиот контекст на првото Светско првенство, Советот на ФИФА едногласно се согласи да биде домаќин на единствена церемонија за прослава на стогодишнината во главниот град на Уругвај, Монтевидео, каде што се одржа првото Светско првенство во 1930 година, како и три натпревари на СП 2030 во Уругвај, Аргентина и во Парагвај.

– Во поделен свет, ФИФА и фудбалот се обединуваат. Советот на ФИФА, кој го претставува целиот свет на фудбалот, едногласно се согласи на најсоодветен начин да ја прослави стогодишнината од светските првенства, чие прво издание се одигра во Уругвај во 1930 година. Како резултат на тоа, ќе се одржи прослава во Јужна Америка, а три јужноамерикански земји, Уругвај, Аргентина и Парагвај, ќе организираат по еден натпревар на СП 2030. Првиот од овие три меча, секако, ќе се игра на стадионот каде што сѐ почна, на митскиот стадион „Сентенарио“ во Монтевидео, токму за да се прослави стогодишнината од светските првенства во фудбал. Советот на ФИФА, исто така, едногласно се согласи дека единствената кандидатура за домаќин на СП 2030 ќе биде заедничката кандидатура на Мароко, Португалија и на Шпанија. Два континента, Африка и Европа, се обединија не само за прослава на фудбалот туку и во обезбедувањето единствена социјална и културна кохезија. Каква голема порака за мир, толеранција и инклузија. Во 2030 година ќе имаме единствен глобален настан, три континенти, Африка, Европа и Јужна Америка, и шест земји, Аргентина, Мароко, Парагвај, Португалија, Шпанија и Уругвај, ќе го пречекаат и ќе го обединат светот додека заедно ги славиме прекрасната игра, стогодишнината и светските првенства – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Договорено е и дека во согласност со принципот на ротација на конфедерациите и обезбедување најдобри можни услови за домаќинство на турнирите, процесите за кандидатура за изданијата во 2030 и во 2034 година да се спроведуваат истовремено, а членките на ФИФА од Азија и од Океанија се поканети да се кандидираат за домаќини на СП 2034, пишува ФИФА. Домаќините ќе бидат назначени на посебен конгрес на ФИФА.
Мароко, Португалија и Парагвај првпат ќе бидат домаќини на натпревари на светско фудбалско првенство, а Уругвај, Аргентина и Шпанија вторпат (претходно во 1930, 1978, односно во 1982 година). Н.М.