Секоја „школа“ се плаќа

Не знам точно кога беше тоа, но сигурно од тогаш имаат изминато најмалку 50 години. Бев дете кога дома ни „цркна“ телевизорот. Одеднаш на екранот немаше ни слика ни тон. Кога се врати од работа мојот сега покоен татко и кога го информиравме за тоа дека телевизорот не работи, тој без да проверува го повика својот пријател, сервисерот за телевизори, Перица. По неколку часа кај нас дојде дома сервисерот Перица и кога го запознавме со проблемот тој го вклучи телевизорот. Но пак немаше ни слика, ни тон. Во првиот момент и Перица се збуни, но откако малку се замисли виде дека едно од копчињата било исклучено. Бидејќи тоа постојано беше вклучено, телевизорот го исклучувавме и вклучувавме само преку кабелот. Откако тој го вклучи кабелот, веднаш дојдоа и слика и тон.
На прашањето на татко ми што беше дефектот, му одговори дека немало дефект, туку дека некој го исклучил телевизорот од копчето и затоа телевизорот не работел. Бидејќи ние знаевме дека копчето е секогаш вклучено, не забележавме дека во меѓувреме некој го исклучил.
Перица како искусен и добар сервисер за телевизори и еснаф занаетчија, не сакаше да му земе пари на татко ми, туку му наплати само за идењето.
Се сеќавам како да беше вчера кога извинувајќи му се му рече на татко ми на заминување дека „секоја школа се плаќа“. Уште тогаш, како млад тинејџер, ми влегоа во главата зборовите на Перица дека секоја школа се плаќа.
Да проверевме дека најмалиот брат го исклучил телевизорот од копчето, без да ни каже, телевизорот ќе си работеше и немаше потреба да викаме мајстори и да плаќаме за неговото доаѓање. Подоцна, во текот на животот научив и нешто друго, дека покрај тоа што секоја „школа “ се плаќа, се плаќа и секое незнаење.
Перица можеше да ни рече, како некои други сервисери што често го правеа тоа, дека цркнале трансформаторот, екранот или ламбата и да ни земе пари како за купување на делот и за поправка. Можеби овој пример не е најсоодветен, но јас токму од него научив дека секоја школа се плаќа, а се плаќа и незнаењето.
Во изминатите 32 години од независноста, државата Македонија мошне скапо ги има платено своето незнаење и однесување, односно на важни и стручни раководни места да се поставуваат нестручни и некомпетентни кадри.
Би ни требале многу простор и време да набројувам само мал дел од многубројните примери кога кај нас во државата наместо стручни и квалитетни кадри, на важни раководни места во значајни државни компании, фирми, организации, институции, агенции, па и министерства, се поставувале нестручни и некомпетентни кадри, кои единствената „стручност“, адут и квалитет што ги поседувале биле партиската книшка, припадност, лојалност и послушност.

Иако кога станува збор за вработувањето, партиите на власт, па и тие во опозиција, вербално секогаш се залагале за вработување квалитетни стручни и компетентни кадри, а во праксата се случувало токму обратното. На важни и значајни раководни места да се поставуваат нестручни и несоодветни партиски кадри, кои многу малку имале или воопшто немале познавање од работата за која биле платени. Со цел да се удомат партиски и послушни кадри се измислувале работни места и позиции, се менувале статути, систематизации, се објавувале конкурси за вработување според условите што ги исполнувале кандидатите за кои тие биле објавувани. Со години во такви ситуации на конкурсите или интервјуата квалификуваните и стручните кадри ја губеле битката за вработување и останувале со прстот в уста, а на нивно место доаѓале луѓе од партиските тефтерчиња.
Деновиве првиот човек на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), Азир Алиу, изјави во јавноста дека тој како министер ќе се залага за мерит-систем, сѐ со цел за најдобрите да дојдат на вистинските места…
По не знам колку потрошено мастило на страниците на „Нова Македонија“ за воведување на ваквиот мерит-систем во нашата држава, конечно некој владин функционер се сети и се заложи во нашата држава да се воведе ваков систем и на раководни места да доаѓаат стручни и компетентни кадри.
Деновиве министерот Азир Алиу со своите соработници во МИОА подготви два нови закона, кои наредната недела ќе се најдат на владина седница, а набргу потоа и во Собранието. Министерот вели, со првиот закон, кој е за јавниот сектор, работното место ќе мора да му се даде на најдобриот кандидат, во согласност со неговото образование, тестирањето и интервјуто, а не како досега, кога често добиваа работа и многу послабо рангираните кандидати, ако така одлучи комисијата за избор.
Конечно некој министер во Владата се сети да го постави на дневен ред овој проблем и со законско решение да се реши истиот тој.

Но иако ваквиот предлог на министерот Алиу во првиот момент наиде на општо одобрување кај пошироката јавност, сепак најголемиот број од граѓаните се скептични дека тој ќе се реализира во практиката.
Причина за таквиот скептицизам на граѓаните е тоа што ова не е ни прв, ни последен пат кај нас сите власти да се залагаат во државниот и јавниот сектор, да се вработуваат квалификувани, стручни, професионални и непартиски кадри, а во праксата работите да стојат сосема поинаку. И порано и сега, кога станува збор за вработување во државниот сектор, најчесто се вработуваат партиски кадри или лица што се во блиски роднински или фамилијарни врски. Колку само години сме сведоци на оркестрираните глаголења во јавноста за департизација, или професионализација на државниот апарат, или јавната администрација. Но барем засега нема ништо од тоа.
Иако има обиди, сепак засега нема ништо ни од заложбите на властите или политичките партии за намалување на бројот на вработените во јавната администрација, или државата управа. А за тоа време при секоја промена на власта драстично се зголемува бројот на вработените по партиска линија, кои настојуваат да работат и да живеат на државни јасли.
Иако тоа беше непишано правило на однесување во едноумието, сепак и сега е присутно кај нас. А тоа, за тие што заборавиле, беше правилото „нишај врата, земја плата“.
Благодарение на тоа непишано правило од кое не се откажува ниту една власт денес имаме огромна превработеност во државниот и јавниот сектор, кој е буквално преполн. Таквата превработеност на партиски „кадри“ придонесе голем број институции, организации и јавни претпријатија да се дават во долгови, да не можат да земаат плата, па дури и да стигнат дотаму да подигнуваат кредити за да им ги исплатат платите на вработените.
Наспроти тоа, приватниот сектор не само што не се среќава со таков проблем туку има огромен недостиг од работна сила.

И покрај многу подобрите плати што некои приватни компании ги нудат, тие не можат да најдат соодветен кадар, затоа што сѐ уште најголемиот број од невработените сакаат да се вработат во државниот сектор. Оние што не можат да се удомат таму ја напуштаат државата.
Македонија беше единствената држава, не само во опкружувањето туку и во Европа, што им исплаќаше плати на лица што повикувајќи се на етничката припадност земаа плата, а си седеа дома и не одеа на работа.
Верувам и убеден сум дека сето ова му е познато на министерот на МИОА, Азир Алиу. Лично не ми е познато и како тој замислил да ја спроведе својата замисла. Но тој едно треба да знае, дека Македонија нема проблем за донесување закони. Проблемот е во тоа што најголемиот број од нив не се применуваат во практиката. Кај нас изигрувањето и неспроведувањето на законите одамна е национален спорт. Затоа, крајно време е да се потсетиме на поуката на сервисерот Перица, дека секоја школа и незнаење се плаќаат.