Проблемот е во тоа што паркирале толку лошо што возачите што сакаат да се приклучат на главна улица не можат, бидејќи паркираните возила целосно го блокираат видикот. На тој начин катастрофално ја нарушуваат безбедноста на сообраќајот. Таквата слика е доста честа во скопските општини Чаир, Бутел и Гази Баба
УШТЕ ЕДЕН ЧЕСТ И ИСКЛУЧИТЕЛНО НЕОДГОВОРЕН НАЧИН ЗА НАРУШУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА НА СООБРАЌАЈОТ
Непрописното паркирање во Скопје е најголем проблем во градот. Се паркира непрописно на тротоари, на велосипедски патеки и пешачки премини, бескрупулозно, па дури и безобразно од страна на возачите комплетно се отсекуваат патеки што водат до згради, кои, доколку треба да бидат искористени од страна на брзата помош или противпожарно возило, би биле целосно неупотребливи.
И секојпат проблемот со паркирање достигнува ново ниво. Овој пат во фокусот се возачите на поголеми возила како што се комбиња и камиони, кои блокираат тротоари, но и ја ризикуваат безбедноста на возачите, бидејќи се паркираат на приклучни улици од каде што возачите мака мачат да видат дали е безбедно за да се вклучат на улицата.
СЕКОЈДНЕВЕН ПРОБЛЕМ ЗА ГРАЃАНИТЕ
Гази Баба, Бутел, Чаир се можеби најпроблематичните населби што мака мачат со возачите на автобуси, комбиња и помали камиони, кои се паркираат на тротоари, и тоа во непосредна близина на приклучни улици. Проблемот не е само во тоа што узурпирале пешачки зони, каде што паркирањето е строго забрането. Проблемот е во тоа што паркирале толку лошо што возачите што сакаат да се приклучат на главна улица не можат, бидејќи паркираните возила целосно го блокираат видикот. На тој начин катастрофално ја нарушуваат безбедноста на сообраќајот.
Жителите што живеат, но и транзитираат преку Автокоманда велат дека доста често се случува комбе или друго големо товарно возило да им го блокира видикот, па тие едвај успеваат да се приклучат на главната улица.
– Оние што возат по улицата Јани Лукровски, а треба да се приклучат на улицата Шеснаесетта македонска бригада, мака мачат да се приклучат поради паркираните комбиња на тротоарот од левата страна, особено кога е зголемена фреквенцијата на возила. Замислете, овде секогаш е хаос, а кога треба околу 16 часот или, пак, околу 8.30 да се приклучите, тоа е вистински хорор. Едноставно излегувате на слепо до половина улица со возилото. Комплетно ја блокирате едната сообраќајна лента што доаѓа од булеварот Александар Македонски, таму се блокира целата крстосница поради едно возило, кое не може да се приклучи. и тоа затоа што нема прегледност – вели Златко Петковски, жител на оваа населба.
Овој проблем, за жал, не е единствен. Проблем имаат и бутелчани и чаирчани.
– Во Бутел 2 има голем број продавници, а ние од нашите куќи директно од уличката излегуваме на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош. Пред трговските објекти речиси секое утро има паркирани огромни товарни возила што истовараат стока, но и ни го блокираат видикот од целата улица. За да се приклучам морам да ризикувам и со возилото да излезам речиси на половина булевар, па возилата што не сакаат да ме пропуштат ме заобиколуваат преминувајќи во другата лента. Тоа е огромен ризик за кој мора да се поведе малку поголема сметка од страна на локалната и полициската власт – вели Марија Андоновска, жителка на оваа населба.
ОД ЈАНУАРИ ДО АВГУСТ САНКЦИОНИРАНИ РЕЧИСИ 4.000 НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИ ВОЗАЧИ
Од Министерството за внатрешни работи велат дека секојдневно и континуирано преземаат мерки за непрописно паркираните возила.
– Од страна на полициските службеници при СВР-Скопје на територијата на градот Скопје секојдневно и во континуитет се преземаат мерки за непрописно паркирани возила и на сторителите им се издава прекршочен платен налог во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во периодот од 1.1.2023 година до 31.8.2023 година на подрачјето на СВР-Скопје, по членот 66 став 5 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани се 3.862 сторители – информираат од МВР.