Фото: Душан Коцев/приватна архива
„Копнежот на светлината“ е изложбата на слики од Душан Коцев што ќе биде отворена вечерва (петок 29.09.2023) од 19 часот во ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“.
Со  изложбата Душан преку своите уметнички дела ја преточува својата визија во реалност.
 – Во најдлабоките мракови на душата копнееме за светлина. Со надеж нашите очи се вперени кон светлината. Копнежот не води кон спасение – вели авторот.
Темата кон која со многу луцидност и творечка енергија се навраќа авторот уметник низ повеќе од 20-ината уметнички слики изработени во акрилна техника на платно, на најсублициран начин ни ја прикажуваат вечната борба меѓу доброто и злото, а во преносно значење, меѓу светлината и темнината.
-Авторот целосно свесен за секојдневието во кое и денес човештвото вегетира, со многу опасности и контаминации, наспроти жртвата на Бога земскиот живот да биде вековит и во благосостојба,  испраќа порака дела светлината треба да биде нашиот единствен пат по кој чекориме, ако сакаме да стигнеме по посакуваната цел – вели професор Славчо Атанасов.
Радовишанецот Душан Коцев годинава остварува 30 години активно творештво. Досега реализирал четири самостојни изложби, учесник е на повеќе од 35 групни изложби во земјата и во странство. Осум години е организатор на меѓународната Радовишка колонија и на безброј еднодневни колонии.
Ка.М.