По неколкуте сообраќајни несреќи што се случија по работата на патот од Битола до границата со Грција, од кои една беше беше со смртни последици, со отворено писмо до јавноста се обратија од компанијата „Кромберг и Шуберт“.
Во отвореното писмо, кое адресирано до сите локални и републички институции се вели:
„Со овој Допис поднесуваме барање за итна интервенција за обележување и сигнализација на патот Битола – ИЗ „Жабени“ кој што во моментот е се уште во фаза на реконструкција. Со направените поправки, санација и реконструкција на патот, кои што дел се се уште во тек, патот во моментот е необележан и нема поставено сигнализација и обележување, поради што е опасен за користење. Свесни сме дека се уште се работи на самиот пат, но, за жал веќе се случија неколку сообраќајни несреќи и една сообракајна несрека во која животот го загуби едно лице, наш вработен. Апелираме за итно обележување на патот.
Поради новите слоеви на асфалт кои се поставија, висината на патот е над нивото на страните покрај самиот пат, и има остри рабови кои не се обележани со (крајна) бела лента и во текот на вечерно возење е доста небезбедно и не е видливо до каде е самиот раб на патот.
Покрај бела линија, апелираме да се постават и визуелна сигнализација со столбчиња со рефлектирачки маркици кои светат при вечерно возење или да се постави целосна заштитна ограда особено на неколкуте кривини на патниот правец каде прегледноста е дополнително намалена.
Потребата од интервенција со сигнализација и обележување е ИТНА бидејќи овој пат е исклучително фрекфентен.
На дневна основа истиот се користи од над 5.200 вработени на КСМК-Бт од Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и околните села, кои секој ден во двата правци го поминуваат патот на релација Битола – Жабени – Битола со цел да дојдат на работа.
-За превоз на дел од вработените, во текот на едно денонокие на патот сообраќаат над 150 возила за групен превоз (над 70 автобуси и 80 комбиња). Фабриката работи во 3 смени, па оттаму и деноноќното сообракање;
-Дел од вработените се превезуваат со автомобили и во текот на едно денонокие на патот во двата правци сообраќаат околу 270 автомобили;
-Дел од вработените се превезуваат и со мотоцикли;
– Во просек по околу 10 транспортни камиони кои исто така дневно во двата правци го поминуваат патот со цел транспорт на репро материјали и производи до и од нашата фабрика;
– Бројни локални жители и земјоделци кои исто така со автомобили, мотоцикли, велосипеди, пеш и со земјоделски возила секојдневно сообракаат на патот.
Понатаму, интензивиран е сообраќајот на овој пат и од македонските и странските државјани за да стигнат до граничниот премин Меџитлија.
Нагласуваме дека патот едноставно не смее да се остави необележан и без задолжителна сигнализација затоа што е загрозена безбедноста на сите кои се движат по истиот, па бараме од сите вас да постапите согласно вашите надлежности и да преземете соодветни мерки со цел да се обезбеди безбедно, сигурно и непречено движење на патот во текот и по завршувањето на реконструкцијата
Исто така бараме да се направи соодветен спуст од висината на новиот поставен асфалт кон влезот на Индустриска зона „Жабени”, каде што поради новите слоеви на асфалт постои значителна висинска разлика со претходно поставениот асфалт кон самиот влез на зоната. Таа висинска разлика изнесува 20-тина сантиметри без соодветен спуст што од една страна претставува опасност за патниците, а дополнително предизвика технички оштетувања на возилата од друга страна.
Во заложба за заштита на нашите вработени, соработници и сограѓани, стоиме на располагање за сѐ што може да се преземе од наша страна со цел забрзување на интервенцијата.
Ве молиме во најбрз можен рок да нѐ известите за активностите кои ќе се преземат за соодветна сигнализација и обележување, како и за нивната временска динамика, со цел да ги имаме предвид при секојдневното користење на патот. Доколку не се реагира на ова наше барање за сообраќајно обележување на патот ние ќе бидеме принудени да ги радикализираме своите барања и ќе го блокираме патот, кој води не само ИЗ „Жабени“ туку и до границата со Грција“. M.M.