Стопанска комора очекува Законот за солидарен данок да биде повлечен. Нејзините правни тимови велат дека ова законско решение „лебди во воздух“ по неколку основи, пред се, зашто е ретроактивно, непринципиелно и зашто не ја исполнува целта за која е наменето.
– Би било несоодветно министерот да каже дека немаме право да го оспориме Законот на Уставен суд. Нашите правни тимови велат дека по неколку основи тој Закон „лебди во воздух“ и има основа да биде оспорен пред Судот. Очекуваме Законот да биде повлечен, пред се зашто е ретроактивен, не е принципиелен, се однесува само на одредена група компании и не ја исполнува целта за која е наменет. Засегнати ќе бидат фирми кои немаат никаква врска со бенефитот од енергетската и ковид-кризата – изјави денеска извршниот директор на Комората, Антони Пешев пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Северна Македонија и Полска“.
Тој го повтори ставот на бизнисот, дека секој закон треба да се носи согласно т.н. даночен календар.
– Компаниите треба да знаат порано три до шест месеци за да си го прилагодат своето работење, а не како сега, да донесете закон шест месеци откога е истечен и откако се распределени добивките на компаниите. Како ќе им ги земете кога повеќето се со странски инвеститори и тие ги имаат повлечено парите. Цениме дека овој Закон можеби можел да биде донесен, но порано од што истекол рокот – нагласи Пешев.
По донесувањето на Законот за солидарен данок минатата недела, реагираа сите стопански комори, а Стопанската комора најави, како што и претходно предупредуваше, дека ќе го оспори пред Уставен суд. Министерот за економија Крешник Бектеши во четвртокот, одговорајќи на новинарски прашања, и порача на Комората тоа да го стори. Ако Законот биде оспорен, како што рече, Владата е обврзана тоа да го почитува.