Фото: Игор Бансколиев

Како што расте цената на ангажирањето тренери, клубовите навлегуваат подлабоко во податоците за да се уверат дека ќе го направат вистинскиот избор, пишува „Скај спорт“ во новиот дел од серијалот за иднината на фудбалот

ФУДБАЛ

Револуција во ангажирањето фудбалери е во тек во светот, но се менува и начинот на кој клубовите наоѓаат и ангажираат тренери. Со подемот на спортските директори, од тренерите се бара да се фокусираат на фудбалот и да се надоврзат на играчкиот стил на клубовите, анализата на податоците го отвора потенцијалот за наоѓање таленти и како што се зголемуваат пакетите за компензација, вредноста на тренерот никогаш не била финансиски поголема, пишува „Скај спорт“ во нов дел од серијалот за иднината на фудбалот.

Можност за фокусирање на фудбалот

– Не многу одамна беше „тој играше за нас, ајде да му дадеме шанса, тој е вистинскиот тип на карактер, тој е вистински лидер“. Тоа целосно се промени – вели главниот известувач на „Скај спорт“, Каве Солхекол.
Тој вели и дека клубовите гладни за податоци направија огромна промена во начинот на кој ги назначуваат главните тренери.
– Постојат огромни трошоци поврзани со менаџерските назначувања што не одговараат на она што се случувало претходно – додава Алекс Стјуарт, шеф во „Аналитика ФК“, консултантска компанија за клубови.
Фокусот сега е на тоа како можат да се вклопат тренерите во посакуваниот стил на игра на клубот, намалувајќи ги потенцијалните проблеми што можат да настанат кога тимот ќе стане мешавина од играчи што ги бараат различни менаџери со различни визии, пишува „Скај спорт“.
– Свонси беше еден од тимовите што имаа силна филозофија. Тие ангажираа тренери, вклучувајќи ги Роберто Мартинез, Пауло Соуса, Брендан Роџерс и Михаел Лаудруп, и поминаа низ серија каде што, без непочитување кон тие четворица и да не бидеме негативни, речиси и не беше важно кој е на чело, бидејќи тие имаа силна филозофија. Тие имаа стил на игра, имаа тип на играч што го бараа. Мислам дека тоа е навистина важно – вели Дин Елдриџ, агент за менаџери во „Опорто спортс“.
Во „Аналитика ФК“ тие им нудат на клубовите производ за идентификација на тренерот, услуга што им помага на раководителите да најдат соодветни тренери со помош на податоци.

– Фудбалските клубови можат да развијат стратегиска визија за типот на фудбал што тие би сакале да го играат. Тоа значи дека можете веднаш да почнете да составувате список со тренери што ги имаат тие стилски барања. Можеме да кажеме: „Во ред, овој тренер е таков и таков тип на тренер. Тој е тренер за одбрана, тој е тренер за директна доминација…“. Ваквите клубови сакаат да можат да им се прикаже со многу едноставни термини. На крајот на краиштата, податоците се за помош на клубовите да донесат подобри одлуки и да им ги обезбедиме тие информации. Ние не им кажуваме нужно „дефинитивно треба да го направите ова или она“, туку обезбедуваме пакет информации што велат: „Ако ја ангажирате оваа личност наместо таа личност, тогаш ќе биде потребен поголем степен на приспособување во играчкиот тим“. Кога клубовите треба да трошат не само на зголемена сума за платите и за трансферите за тренерите туку и за зголемените износи за платите и за трансферите на играчи, навистина е важно таа одлука да не биде погрешна или да се донесе таа одлука на најинформиран можен начин – вели Стјуарт.
Оваа потрага за да се осигури дека секое назначување е детално проверено, ги носи клубовите на нови нивоа на деталите.
– Разговарав со некои сопственици, кои рекоа дека кога анализираат потенцијален тренер, гледаат снимки од дрон од неговите тренинзи за да видат што точно се случува на тренинзите и што прави со играчите и какви формации користи. Тие навлегуваат во многу детали и тоа целосно се промени – вели Солхекол.
Тоа е потег што има смисла, пишува „Скај спорт“.
– Многу клубови ќе ангажираат тренер без да го видат како тренира. Можеби го гледале натпреварите, но не го виделе како тренер. Што ако тој не тренира? Што навистина знаете за овој кандидат како личност и во неговата улога – вели Елдриџ.
Никогаш не било поважно да се најде тренер што одговара на вашиот стил, вашиот тим и околината во вашиот клуб.

Улогата на податоците

За да се добие таа целосна слика на еден главен тренер, клубовите бараат податоци, гледаат во бројките за да се обидат да ги споредат тренерите и да ги стават нивните достигнувања во контекст.
– Податоците се навистина важни. Можете ли да го погледнете, на пример, процентот на победи на тренерот како точен барометар за тоа дали е добар тренер? Па, дали можете да го разложите и да кажете „процентот на победи е низок, но всушност тоа е затоа што тој бил вклучен само во битки за опстанок“. Дали опстанал? Да. Тој никогаш не испаднал. Ако процентот на победи е висок, над 50 проценти за една или две сезони, тој бил во клуб што победувал многу натпревари. Дали се очекуваше тоа? Која беше вистинската работа што ја работеше тренерот наспроти она што се очекуваше од клубот? И ако би можеле да го разложите уште повеќе. Која е просечната возраст на тимовите со кои работел овој менаџер? Дали тоа одговара на вашиот клуб? Ако менаџерот претпочита да работи со постари играчи, поискусни професионалци, а вие имате млад тим, дали менаџерот одговара на тој профил или на таа филозофија на клубот? Каква е неговата статистика за посед на топката? Дали е тоа воопшто важно за вас? Колкупати неговите тимови влегуваат во последната третина од теренот? Дали тој тренер водел слични клубови како вашиот – вели Елдриџ.
Тоа истражување на податоците може да се поврзе со други форми на анализа за да им се даде на клубовите јасно разбирање за тоа дали тренерот е вистинскиот, пишува „Скај спорт“.
– Доколку гледате играч, ќе отидете и ќе ги погледнете неговите видеа и ќе одите да го гледате како игра во различни сценарија. Зошто не би го направиле тоа со тренер? Зошто да не отидете и да гледате тим на еден тренер како игра на гости? Како се подготвува за дерби-натпревар? Како се подготвува за плејоф-натпревар или за мечеви за опстанок? Како игра дома? Што мислат гледачите за него? Земете сѐ затоа што не можете да го добиете тоа преку видео и не можете да го добиете тоа нужно од податоците. И тогаш составувате сѐ и донесувате одлука – вели Елдриџ. Н.М.