Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска од затворот „Скопје“ беше донесен во Кривичниот суд на ново рочиште за случајот „Т.Н.Т“ на Специјалното јавно обвинителство за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.
Јанакиески во судот беше внесен преку гаражата во придружба на затворска полиција.
Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски вчера беа приведени и пренесени во затворот „Скопје“ во Шутка. Одлуката за приведување ја донел Кривичниот суд на барање на Специјалното јавно обвинителство.
Јанакиески е обвинет во неколку предмети на СЈО за кои се водат судски постапки. Неговото приведување следува по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија каде што побара политички азил.
Меѓу обвинетите за уривањето на „Космос“ се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.