Романскиот претседател Клаус Јоханис денеска изјави дека верува оти Романија се уште може да се подготви за претседавањето со Советот на Европска унија и му посака среќа на новоименуваниот министер за европски прашања Џорџе Чамба.
Чамба денеска положи заклетва во претседателската палата Котрочени. Тој е искусен дипломат и поранешен амбасадор во Грција и во Турција.
Чамба е именуван откако досегашниот министер за европски прашања Виктор Негреску во текот на викендот поднесе оставка.
– Ви посакувам да успеете, заедно со другите членови на Владата, да дојдете на вистинскиот пат за подготовка за претседавањето со Советот на ЕУ. Се уште можеме да имаме добра подготовка за претседателствувањето. Ви посакувам успех, посочи Јоханис.
Романскиот претседател во понеделникот изјави дека Романија не е подготвена на 1 јануари следната година да го преземе ротирачкото претседавање со ЕУ и ја повика Владата да поднесе оставка.
Тој наведе дека ситуацијата „излета од шини“ и оти постои „политичка потреба за промена на Владата, која ја нарече „несреќен случај на романската демократија“.
Вјорика Данчила стана премиерка во јануари годинава, но според експертите, таа има мали извршни овластувањеа, додека Владата ја води лидерот на владејачката Социјадемократска партија Ливиу Драгнеа.
Драгнеа не може да биде премиер поради тоа што е обвинет за кражба на гласови.