Економско зајакнување со специјализирани институции за промовирање на приватната економија
Основањето посебна институција, наречена Биро специјализирано за промовирање на развојот на приватната економија, е оценето како значаен потег за дополнително зајакнување на приватниот сектор, кој е клучна движечка сила за економското производство на земјата. Ваквиот потег се очекува да ја зголеми пазарната доверба, но и да му даде ветер во грбот на економското зајакнување. Во таа институција ќе бидат вработени интелектуалци, теоретичари и практичари, кои со својот креативен и реализаторски потенцијал ќе можат да одговорат на предизвиците на новото време, во смисла на динамичен и одржлив економски раст и развој
Кина соопшти дека основала биро специјализирано за промовирање на развојот на приватната економија, што е оценето како значаен потег за дополнително зајакнување на приватниот сектор, кој е клучна движечка сила за економското производство на земјата. Со ваквиот најнов чекор се испраќа смирувачки сигнал до домашните приватни бизнисмени дека земјата е решена да го подобри деловното опкружување со преземање конкретни активности за спроведување на претходно започнатите мерки за поддршка во пошироки напори за зајакнување на втората по големина светска економија.
Според „Глобал тајмс“, новоотвореното биро во рамките на Националната комисија за развој и реформи (НДРЦ) ќе ја зајакне координацијата на политиките во релевантните области и ќе се погрижи мерките да се спроведат што е можно порано и да постигнат опипливи резултати. Нејзините главни одговорности вклучуваат следење, проучување и анализа на развојот на приватната економија, координирање и организирање на формулирањето на политиките и мерките за промовирање на нејзиниот развој и креирање политики за промовирање на растот на приватните инвестиции. Обврските на новото биро за развој на приватната економија ќе бидат редовна комуникација со приватните фирми, за да ги ислуша нивните главни проблеми и да најде и понуди ефективни решенија. Во Бирото ќе бидат вработени интелектуалци, теоретичари и практичари, кои со својот креативен и реализаторски потенцијал ќе можат да одговорат на предизвиците на новото време, во смисла на динамичен и одржлив економски раст и развој.
Исто како и националното биро за податоци што земјата го формираше во март за да го унапреди развојот на основните институции поврзани со податоци и да ги поттикне планирањето и изградбата на дигитална Кина, новото биро за развој на приватна економија е формирано за да одговори навремено на современите потреби што ги наметнува новото време. Од НДРЦ велат дека промовирањето на развојот и растот на приватната економија е систематски проект што вклучува широк опсег и долг синџир на политики. Во претстојната фаза, Бирото за развој на приватната економија ефективно ќе ги извршува своите должности, ќе го подобри механизмот за комуникација меѓу владата и претпријатијата, ќе го зајакне систематскиот дизајн на објавување политики, следењето и ефективноста на спроведувањето на политиките и ќе ги промовира сите главни планови на централното раководство.
Со комбинација на повеќе политики, приватната економија треба да внесе сигурност во севкупниот кинески економски раст
Во споредба со воведувањето на тешките мерки за поддршка за приватниот сектор во јули, кои во голема мера ја зајакнаа довербата кај приватните претприемачи и моралот на пазарот, новото биро има поголемо значење. Се очекува тоа да го поттикне приватниот сектор и да ја зајакне динамиката на домашното економско закрепнување во остатокот од годината, велат набљудувачите. Со оглед на специфичните одговорности на новото биро, доколку добро се спроведе заедно со другите политики во државата, тоа би можело да ја оживее приватната економија на нацијата, имајќи големо влијание во остатокот од годината и во блиска иднина. Сепак, експертите предупредуваат дека ефектот од спроведувањето на политиката сè уште треба да се набљудува, имајќи предвид дека трендот на намалување на приватните инвестиции не е запрен.
Со комбинација на повеќе политики, стабилизираната приватна економија треба да внесе сигурност во кинескиот економски раст во услови на предизвици, нагласија набљудувачите. Тие веруваат дека новиот потег е исто така потврда на „двата непоколебливи“ става на земјата за еднаква поддршка за јавниот и за приватниот сектор. Тоа исто така беше шлаканица за некои западни тврдења дека поддршката на кинеската влада за приватната економија значела давање одредени „привилегии“.
Новото биро секако ќе биде голема придобивка за приватните претпријатија да учествуваат во националниот економски развој во поголема мера. Приватните бизниси одигруваат сè поклучна улога во поттикнувањето на економскиот раст, создавањето вработувања и поттикнувањето на технолошките иновации во изминатите децении.
Тие генерираат над 50 отсто од даночните приходи, над 60 отсто од БДП, над 70 отсто од достигнувањата во технолошките иновации и над 80 отсто од вработувањата во урбаните средини. Приватните фирми исто така сочинуваат 90 отсто од вкупниот број претпријатија, според официјалните податоци.