Од хуманоидните роботи ќе се очекува да ги разбираат потребите на луѓето и да поседуваат вештини за извршување на командите - Фото: ЕПА

Скок напред во развојот на вештачката интелигенција

Компании што развиваат хуманоидни роботи предвидуваат дека нивните производи би можеле да се најдат за десет години на пазарот, истакнува Бен Морис за „Би-би-си“

Фирма со седиште во Ванкувер развива хуманоиден робот наречен „Феникс“, кој, кога ќе биде завршен, ќе ги разбира потребите на луѓето, начинот на кој функционира светот и ќе поседува вештини за извршување на командите. Фирмата сè уште нема поставено точна временска рамка за тоа кога робот ќе може да се користи во домаќинствата, да пере алишта или да ја чисти бањата. Но, други од секторот велат дека тоа би можело да биде во рок од десет години.

Десетици други фирми во светот работат на развој на таа технологија. Во Велика Британија, „Дајсон“ инвестира во вештачка интелигенција и роботика наменети за домашните обврски. Можеби најпознатата компанија на пазарот е „Тесла“ на Илон Маск. Компанијата за производство на електрични автомобили работи на хуманоидниот робот „Оптимус“, за кој Маск вели дека би можел да се најде на пазарот за неколку години. Останува да се види дали ќе се оствари ова сценарио. Она што сега може да се каже е дека скокот напред во вештачката интелигенција значи дека се забрзува развојот на хуманоидните роботи.

Брз развој на вештачката интелигенција

Секој месец има нови случувања во светот на вештачката интелигенција што носат суштински промени. Интересот на јавноста за вештачката интелигенција експлодира кон крајот на минатата година, кога беше претставена моќната верзија на „ЧетГПТ“. Неговата способност да генерира секакви корисни текстови и слики предизвика ривалски бран инвестиции во технологијата за вештачка интелигенција.

Но развојот на вештачката интелигенција што ќе му овозможи на роботот да ги заврши домашните обврски е поинаква и потешка задача. За разлика од „ЧетГПТ“ и неговите ривали, хуманоидните роботи треба да се движат низ физичкиот свет и треба да разберат како предметите во тој свет се поврзани едни со други. Задачите што на многу луѓе им изгледаат лесно се големи подвизи за хуманоидните роботи.

Предизвици што ќе треба да се надминат

Сè уште е потребен огромен труд за да се изгради робот што ќе може да се справи со сите настани што би можеле да се случат во домот или на работното место. Професорот Алириза Мохамади, кој ја основал Лабораторијата за роботска интелигенција за движење во Универзитетот во Мичиген, вели дека робот не може да се постави во неструктурирана средина и потоа од него да се бара да се движи без да направи штета и истакнува дека е преголем залак тоа да се очекува од денешната технологијата. Тој посочува дека вештачката интелигенција може да се стави во милиони сценарија за обука, но секогаш постои шанса во реалниот свет таа да се сретне со нешто што досега не го видела и да реагира на непредвидлив и можеби опасен начин. Дел од проблемот, како што вели тој, е што луѓето имаат интуитивно разбирање на контекстот и последиците. Да се вгради тоа во робот е исклучително тешко. Мохамади очекува во рок од десет години да има роботи што се способни да се движат наоколу со одредено водство, но не во целосно неструктурирани средини.

Но, ако тие предизвици можат да се надминат, тогаш би можеле ли хуманоидните роботи да почнат да ги преземаат работните места што моментално ги извршуваат луѓето? Од фирмите за развој на хуманоидни роботи истакнуваат дека има недостиг од работници во многу земји и дека нивните роботи еден ден би можеле да ги пополнат тие позиции.