Фото: Игор Бансколиев

Братот на Марин, Иван Држиќ, како трговец имал простории во „Куршумли-ан“, а се верува дека во почетокот во него и живеел. Анот имал повеќенаменска функција. Во него имало преноќишта за трговците, но и постојани живеалишта. Имало дуќани каде што се произведувала и се продавала стоката, простории за сместување на транзитната стока и коњушница. Подоцна, дубровчаните формирале свои маала и живеалишта во Скопје

Според истражувањата, но и легендите што се познати, славниот комедиограф Марин Држиќ го посетил Скопје во 1547 година и престојувал во „Куршумли-ан“. Особено се интересни и неговите браќа. Во едно научно списание од триесеттите години на 20 век, кое ги истражува историјата и културата на Скопје, се зборува токму за Иван, братот на Марин Држиќ. Се вели дека Иван „живеел долго време во Скопје“.
Во Скопје тој починал, а тоа се дознава од познатата „Генеалогија на дубровничките граѓани“. Во еден документ од 20 јули 1550 год., составен во Скопје од страна на дубровничките трговци, како сведок е потпишан и Иван М. Држиќ. Тој документ ги регулирал односите меѓу трговците, но и пошироко, интересите на дубровчаните и католиците што живееле во градот. Дубровничката колонија во Скопје во 16 век била многу моќна, а се претпоставува дека имало најмалку 200 дубровчани трговци на целиот Балкански Полуостров.

Фото: Игор Бансколиев

Тие работеле по принципот на трговски друштва. Друштвата биле формирани во Дубровник со заеднички вложувања, а потоа со свои претставници биле дисперзирани кон Исток и Турција. Трговијата со Турција им била особено значајна. Му плаќале арач на султанот, а специјални пратеници го носеле арачот секоја година директно во Истанбул, минувајќи преку Скопје. Во таа насока дубровничките архиви треба допрва да се истражуваат.

Фото: Игор Бансколиев

Братот на Марин, Иван Држиќ, како трговец имал простории во „Куршумли-ан“, а не е исклучено, на почетокот, во него и да живеел. Анот во тоа време имал повеќенаменска функција: во него имало преноќишта за трговците, но и постојани живеалишта. Имало дуќани каде што се произведувала и се продавала стоката, простории за сместување на транзитната стока и коњушница. Подоцна, дубровчаните формирале свои маала и живеалишта во Скопје.

Фото: Игор Бансколиев

На документот на кој е потпишан Иван М. Држиќ се откриваат имињата и на други најпознати трговци католици во Скопје, пред сѐ дубровчани, и тоа: Влахо Антунов, Мато Петров, Антун Томов, Луј Алегрето. Трговците имале голем број помошници и слуги што доаѓале од Дубровничката Република и се населувале во градот на Вардар.


Марин Држиќ – ренесансен писател и поет

Марин Држиќ е роден во 1508 година, Дубровник. Семејството Држиќ, според старите записи, води потекло од Котор, а во минатото било благородничко семејство. Лозата Држиќ била распространета и поделена. Некои далечни роднини сè уште биле благородници, но Ѓоре и Марин му припаѓале на граѓанскиот слој, кој се занимавал со трговија. Еден од браќата на Марин бил трговец и живеел во Скопје.

Уште во младоста, Марин Држиќ пишувал поезија, околу 20 лирски песни во стилот на Петрарка и со очигледна почит кон споменот на Ѓоре Држиќ. Во својата поезија, Држиќ не дал ништо ново ниту пак дал свој авторски белег, туку само ги повторувал истите теми обработени од Петрарка. Сепак, неговите песни биле многу барани и препишувани на рака, така што тој бил принуден да ги отпечати. Во својата поезија, тој останал на нивото на петраркистичкото пеење. Во речиси сите песни, тој страда од неприфатената љубов, како на пример во песната „Ах, огнот на љубовта го уништи животот мој“ или во „Уживај во убавината и радоста“.

Во Сиена, Марин се запознал со ренесансната книжевност. Една од најголемите творби на тоа време е ренесансната „комедија дел арте“ или таканаречена „плаутовска комедија“. Во Сиена на студентите не им било дозволено да следат или да учествуваат во театарски претстави, затоа што се сметале за народна забава, која нема врска со големата наука. Но Марин Држиќ бил фатен токму на еден ваков престап. Тоа сведочи дека тој уште таму се интересирал за театарската уметност.

Театарот во кој бил затекнат Марин Држиќ бил слободен, понекогаш со скокотливи теми, сатиричен и на студентите им донесувал нови сознанија. Во таа претстава Марин ја толкувал главната машка улога, т.е. го играл љубовникот, според полицискиот запис од тоа време. Марин Држиќ не ја стекнал книжевната слава со поезијата, туку со пасторалите и комедиите.

Д.Ст.