Антонио Гутереш - Фото: ЕПА

Прв африкански самит за климата

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, го искористи првиот африкански самит за климата за да апелира на вистинската адреса за климатските промени, всушност до лидерите на Г20, кои се состануваат овој викенд во Индија, да преземат вистинска одговорност во борбата против климатските промени!

Подготвил: Mарјан Велевски

Во главниот град на Кенија, Најроби, од вчера почна првиот Африкански самит за климата. Повеќе од десет шефа на држави ќе учествуваат на самитот со цел да се направи поголемо глобално влијание и да се соберат многу повеќе финансии и поддршка за борба против климатските промени, иако Африка најмалку придонесува за климатските промени.
На Африканскиот самит за климата учествуваат и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, и претставникот на американската влада за климата, Џон Кери.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, апелираше до светот да ја направи Африка „суперсила за обновлива енергија“. Обновливите извори на енергија би можеле да бидат африканското чудо, изјави генералниот секретар на ОН, кој се обрати на африканскиот климатски самит во кенискиот главен град Најроби. Тој нагласи дека „мора да работиме заедно за да ја направиме Африка суперсила на обновливи извори на енергија“.

Гутереш истовремено го искористи самитот за да апелира до лидерите на Г20, кои се состануваат овој викенд во Индија, да преземат одговорност во борбата против климатските промени.
– Ова е наше време – изјави Митика Мвенда од Панафриканската алијанса за климатска правда, истакнувајќи оти континентот добива околу 16 милијарди долари годишно за климатскиот сектор, што е многу помалку од она што е потребно и е „дел“ од буџетот на некои компании што загадуваат.