Фото: МИА

Директорот на ОТА Зоран Ангеловски вчера закажа прес-конференција, која требаше да се одржи денеска пред Собранието, но изутринава настанот беше откажан. Мандатот на Ангеловски истекува утре, а во денешното соопштение на ОТА се наведува дека прес-конференцијата се одложува поради итни и неодложни работи.

-Поради итни и неодложни работи најавената прес конференција на директорот на ОТА пред Собранието во 11 часот се одложува на неопределено време – се наведува во денешното соопштението на ОТА.

Ангеловски за прв човек на Оперативно-техничката агенција (ОТА) беше избран во Собранието во 2018 година со 83 гласа „за“.

Мандатот на директорот на ОТА, која е посредник во прислушувањето меѓу операторите и корисниците трае пет години, без право на повторен избор.

На вчерашната собраниска седница пратениците ја изгласаа одлуката за објавување јавен оглас за избор на директор на ОТА.

Согласно Законот директорот на ОТА го избира и разрешува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во на предлог на собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

За директор може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови: да е државјанин на Македонија, да има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование во следните области: информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникационо инженерство, безбедност, компјутерска безбедност, правни или економски науки, да има минимум десет години работно искуство по завршување на образованието во предвидените области.

Ангеловски во изјава за „360 степени“ пред два дена предупреди дека доколку ОТА остане без директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата.

-Во Законот за Оперативно-техничка агенција („Службен весник на Република Македонија“ број 71/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19), иако се уредени повеќе прашања поврзани со надлежностите и раководењето на ОТА, не е уредено прашањето за раководењето на институцијата по истекот на времетраењето на мандатот на директорот од пет години, во случај кога на денот на истекот на мандатот сè уште не е завршена постапката за избор на нов директор, односно важечкиот закон не предвидува можност во тој случај кога истата е без легитимно избран директор со важечки мандат од страна на Собранието на РСМ, со институцијата да раководи друго лице (в.д. директор, заменик-директор, совет и слично), а со тоа ниту да се даваат овластувања за спроведување на законските надлежности на ОТА кои произлегуваат од директорот како единствено надлежно раководно лице – изјави Ангеловски.

ОТА беше формирана во рамки на реформите во безбедносно-разузнавачкиот систем, по препораките на Прибе со цел да се спречат злоупотреби во следењето на комуникациите, по скандалот со масовното прислушување. Како резултат на реформите се формираа Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и ОТА, која ги презеде надлежносите врз опремата и уредите за следење на комуникациите.