Продолжува патот кон ЕП, Македонија ја пречекува Италија

ФУДБАЛ – НЕДЕЛАВА КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Шкотска, Франција, Англија и Португалија играат за продолжување на серијата без загубен бод

Квалификациските мечеви за пласман на Европското првенство (ЕП) во фудбал в година продолжуваат утре, а Македонија својот прв меч во септемврискиот циклус го игра в сабота во Скопје со Италија. Три дена подоцна Македонија гостува кај последнопласираната во групата Ц, селекцијата на Малта.

По мечевите во јуни, Македонија и Италија имаат по три бода (Италија има и еден меч помалку), во групата води Англија со 15, а втора е Украина со шест бода. Македонија и Италија четврти пат играат меѓу себе, по двата меча во квалификации пред неколку години (победа на Италија во Скопје, реми на Македонија на гости) и едната средба во плејофот за пласман на Светското првенство во 2022 година (победа на Македонија во Палермо).
– Доаѓаме со нова енергија. Учиме од грешките на последните натпревари. Треба да се подобриме во сите аспекти на фудбалската игра. Италија е светска велесила. Секој од фудбалерите кога доаѓа за репрезентација е подготвен да даде 100 отсто од можностите. Ако сме со позитивна мисла и енергија, се надеваме на добро – вели македонскиот репрезентативец Дориан Бабунски пренесе Фудбалската федерација на Македонија.

На ЕП 2024 во Германија ќе се пласираат првопласираните две селекции од секоја од 10-те групи. Преостанатите три места ќе бидат пополнети со плејофот според успехот во Лигата на нациите.

Репрезентациите на Шкотска (група А), Франција (група Б), Англија (група Ц) и на Португалија (група Ј) играат и за одржување на својот совршен почеток на квалификациите, откако досега не загубија ниту еден бод на четирите натпревари. Згора, Португалија и Франција не примија ниту еден гол (гол-разлика 14-0, односно 9-0), а Шкотска и Англија по еден (9-1), односно 15-1).