Одбојкарската репрезентација на Македонија загуби од фаворизираната Холандија со 0-3 (19-25, 19-25 и 16-25 по сетови), во дуелот од Европското првенство на кој настапи без капитенот Никола Ѓоргиев, кој се пожалил на повреда.
Александар Љафтов беше најефикасен кај Македонија со 14 поени.
Во македонскиот табор одлучија да не се ризикува со повредата и предводникот на македонскиот состав да биде оспособен за утрешниот клучен натпревар против Чешка во битка за третото место во групата Ц, од која четирите првопласирани репрезентации во Бари ќе вкрстат во осминафиналето со селекциите од групата А.
Со ефект од две победи и исто толку порази, македонските одбојкари се третопласирани во групата со ист број бодови како и Чешка на четвртото место, пред меѓусебниот дуел утре во завршното коло од 20 часот.
Утрешниот меч против Чешка ќе биде клучен за избегнување на актуелниот европски и светски првак Италија во осминафиналето.