Софија под закрила на фракции од Брисел ја урнисува европската универзална идеја!
Европскиот парламент (ЕП) уште пред три години донесе резолуција со која се осудува Бугарија за непочитување на владеењето на правото, а во годинешниот августовски извештај за владеење на правото Европската комисија (ЕК) ја искажа својата немоќ. Имено, ЕК писмено ја искажа својата „неможност да се бара одговорност од главниот обвинител“(!?), како и за „политичкото влијание врз судскиот систем“! Прецизно кажано, станува збор за непочитување на владеењето на правото и немање моќ, инструментариум и алатки Брисел да го исправи тоа! Ако Брисел нема начин да ја дисциплинира Бугарија како свој член и за прекршување на европските принципи, тогаш македонската јавност е во длабока заблуда дека Брисел може да влијае на Софија да го смени својот хегемонистички однос кон Македонија!
Тежнеењето на секоја земја да се зачлени во Европската Унија се заснова на основните европски постулати, како владеење на правото, демократија, слобода, еднаквост и човекови права, а секоја земја што се зачленила во ова европско друштво се обврзала дека ќе ги почитува овие универзални вредности и дека ќе работи во насока на нивно промовирање.
И сето тоа важеше додека ЕУ се ширеше со земји што ги исполнуваа сите овие критериуми, но во оној момент кога проширувањето стана политичко-геостратегиски процес, тогаш во Унијата влегоа земји што делумно или воопшто ги немаа и сè уште во најголем дел ги немаат исполнето критериумите од Копенхаген.
Така, во 2007 година беше примена Бугарија, во која и ден-денес ниту има ефикасна борба со корупцијата ниту се почитуваат човековите права, уште помалку може да се зборува за владеење на правото, со еден збор не се почитува ништо од оние универзални европски вредности.
Европскиот парламент (ЕП) уште пред три години донесе резолуција со која се осудува Бугарија за непочитување на владеењето на правото, а во годинешниот августовски извештај за владеење на правото Европската комисија (ЕК) во споменатиот документ ја искажа својата немоќ. Имено, ЕК писмено ја искажа својата „неможност да се бара одговорност од главниот обвинител“(!?), како и за „политичкото влијание врз судскиот систем“! Прецизно кажано, станува збор за непочитување на владеењето на правото и немање моќ, инструментариум и алатки да го исправи тоа!
Целосно е неразбирливо како ЕУ како моќна заедница, која тежнее да биде главен играч на глобалната политичка сцена, нема никакви механизми со кои ќе ги контролира и дисциплинира членките што излегуваат надвор од она што значи европска идеја.
Без ефикасни контролно -заштитни механизми, ЕУ е немоќна да ја дисциплинира Бугарија
Ако Брисел нема начин да ја дисциплинира Бугарија како свој член и за прекршување на европските принципи (и меѓународното право), тогаш македонската јавност е во длабока заблуда дека Брисел би можел да влијае на Софија да го смени својот хегемонистички однос кон Македонија!
Тука може да се бараат причините како едни апсурдни идентитетски барања, односно уцени, се најдоа во преговарачката рамка на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, умешно спакувани како наводен „француски“ или „европски“ предлог, како што го именуваат некои. Човек не треба да е некаков посебен експерт за да констатира дека она што го бара Бугарија од Македонија не е владеење на правото, демократија, слобода, туку внесување на Бугарите во македонскиот устав под превезот на некакви „човекови права“, зад што во суштина се кријат затскриени асимилаторски цели, кои полека ќе се реализираат во следните децении.
Повеќе од јасно е дека кога ЕУ не може да ја дисциплинира сопствената членка, тогаш притисокот ќе биде исклучиво врз македонската страна и апсурдни се какви било очекувања дека Брисел ќе ја притисне Софија да ги тргне прашањата што не се поврзани со Копенхашките критериуми. Тоа значи дека дури и Македонија евентуално да ги направи уставните измени во следниот период, Бугарија нема да запре со својата асимилаторска агенда и Унијата повторно нема да има механизми да ја спречи својата членка да излегува надвор од европската рамка. Затоа и сите европски претставници што дојдоа во земјава беа прецизни во изјавите околу нови евентуални бугарски блокади, јасно истакнувајќи дека „се надеваат оти нема да има нови барања“. Но позицијата и шансата што сега ги има Бугарија се неповторливи, така што сето она што е ставено во декларацијата усвоена во бугарското Народно собрание во 2019 година, точка по точка ќе биде нов и нов услов во текот на нашите преговори, а Брисел нема да мрдне ниту со малиот прст да го спречи тоа кога не може да ја спречи ниту катастрофалната состојба со невладеењето на правото и непочитувањето на малцинските права во Бугарија.
Сето ова говори за целосната дисфункционалност на Унијата, која вака како што е поставена, без соодветни механизми за контрола на земјите-членки, остава простор секој да влече онака како што нему му одговара, целосно занемарувајќи ги европските универзални вредности на кои се обврзале сите кога се зачленувале. Затоа се јавуваат и сегашните повици за реформа на Унијата, оти ако продолжи да функционира вака, односно Бугарија да прави што сака и да не биде санкционирана, тогаш иднината на големото европско семејство воопшто не е розова.
Некој што не ги почитува европските вредности не може да биде добар пример за никого
Целиот отпор што постои во македонското општество кон уставните измени не е насочен затоа што некој не сака Бугарите да бидат внесени во Уставот, туку затоа што Бугарија настапува од позиција на сила и затоа што она што го бара не е поврзано со европските критериуми, туку со некои други замисли. Особено иритира односот на Брисел, кој катадневно праќа емисари во земјава со порака што поскоро да се направат уставните измени, а ниту еднаш не испрати луѓе во Софија да видат како се почитуваат правата на малцинствата во Бугарија, да побараат и од бугарската страна интервенција во Уставот, да прашаат зошто флагрантно се прекршува главниот европски критериум – владеење на правото, зошто нема вистинска борба со корупцијата, како и редица други прашања што завлегуваат во европскиот делокруг на интерес за секоја земја-членка.
Од друга страна, она што во моментот се бара од Македонија, всушност, води кон тотална дегенерација на карактерот на државата. Од унитарна македонска држава, се прави администриран простор или територија на етнички заедници без основна нишка на поврзување, што е погубно, особено за македонскиот народ, кому некој намерно сака да му го одземе правото да биде државотворен и на тој начин полесно да се разгради државата.
Затоа македонските власти се тие што треба аргументирано да настапат пред Европа, со едноставно прашање дали и Македонија треба да се однесува и да прифаќа нешто од земја-членка што ниту самата Унија не може да ја дисциплинира и која се однесува неевропски, односно варварски. Европските политичари постојано повторуваат дека ЕУ не сака да увезува проблеми, но забораваат дека со тоа што ја поддржуваат Бугарија, всушност, легализираат недисциплинирано проблематично однесување, кон кое утре ќе се приклони секоја друга земја-членка на која ќе ѝ се отворат некакви апетити. Парадоксално е земјата што треба да ги шири европските вредности и на кои се обврзала, да шири примери со невладеење на правото, со непочитување на малцинските права и слободи. Впрочем, Бугарија не ги почитува ниту европските институции, како што се Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и Советот на Европа. Од ЕСЧП има 16 пресуди што треба да ги спроведе, но не само што не ги спроведува туку целосно ги игнорира и повторно нема санкции за тоа. Ги игнорира и резолуциите на Советот на Европа, а Обвинителството на ЕУ веќе спроведува 143 истраги во Бугарија за да утврди како се проневерени речиси половина милијарда евра од европските фондови.
Сето тоа јасно покажува дека Брисел мора посуштински да интервенира во Бугарија, а не да ја притиска Македонија да прави идентитетски отстапки што немаат допирна точка со преговарачкиот процес на земјава со Унијата. ЕУ мора да биде ригорозна во инсистирањето на европските вредности и критериуми, како од земјите-кандидати така многу повеќе од земјите-членки, оти тие се обврзале на тоа кога го потпишале Договорот за пристапување. Европа не смее да дозволи таа недисциплина и непослушност што ги демонстрира Бугарија да се префрлаат врз земјите-кандидати, бидејќи нивната основна цел е да бидат дел од пошироко семејство во кое се негуваат демократски вредности, а не во кое владеат беззаконие и самоволие. Со однесувањето на Бугарија, всушност, се креира патерн на лошо однесување и се дава пример дека што и да правиш, минуваш неказнето. А тоа е вистинскиот рецепт за задоволување на хегемонистичките апетити.
Бугарскиот е пример што генерира хаос што ќе ги зафати сите други
Можеби одговорот треба да го даде Брисел зошто и натаму земја-членка на Унијата што најфлагрантно ги прекршува европските критериуми, меѓународното право и редица други одлуки, минува неказнето и нам ни наметнува услови несвојствени за 21 век. Поради таквото толерирање, ЕУ ги губи кредибилитетот и угледот во земјава. Затоа страда Брисел, а за да не се упропасти еден голем европски проект, мора да ги санира состојбите однатре, почнувајќи од санкционирањето на непримерното однесување на земјите-членки.
– Мислам дека ЕУ премногу ѝ прогледуваше низ прсти на Бугарија. Еве, веќе над 15 години се членка, освен што ги испразни европските фондови, ништо друго не придонесе. И натаму се најсиромашна држава во рамките на Унијата, не признава никакви малцинства и не дозволува никакви слободи на малцинствата, криминалните пресметки продолжуваат, корупцијата е распространета на секое ниво, владеење на правото речиси нема. По приемот на Бугарија, едноставно во Европа се појави отпор за нови проширувања, оти видоа што увезоа и не сакаат да им се повтори истата приказна. Сега таа Бугарија нам ни диктира услови за преговори и ни зборува за демократија, човекови права и слично. Ние сами треба да си ја средиме состојбата дома, а да ја оставиме ЕУ конечно да се реформира внатрешно и да креира механизми со кои ќе може во иднина посериозно да интервенира кај своите недисциплинирани членки, кои очигледно се пример за сè, само за европски вредности не. Ако си ја направиме Македонија поубава земја за живеење, ЕУ ќе нè покани секако – сметаат повеќето познавачи на европските состојби со кои се консултиравме.