Фото: Игор Бансколиев

Зошто е намален бројот на часови по македонски јазик во наставата за малцинствата

Потиснувањето на значењето на македонскиот јазик, преку намалување на неговата застапеност во образованието, оди само во прилог на општествената сегрегација. Намалувањето на бројот на часовите по македонски јазик во образовниот систем на Македонија само по себе имплицира на деградација на статусот на македонскиот јазик, како официјален јазик на државата, но и игнорирање и саботирање на толку нагласуваната потреба за интеграција во општеството и државните институции на сите етнички заедници

Ако министерот за образование Јетон Шаќири мислеше дека пред почетокот на учебната година со „транспарентност“ ги амортизирал акутните организациски слабости во секторот што го води, наставниците по македонски јазик во наставата за малцинствата во основно образование алармираат за уште една скриена „реформа“ во наставната програма за овој предмет. Некако во сенка на почетокот на имплементацијата на новата концепција на образованието во трето и шесто одделение и неиспечатените учебници за овие одделенија на почетокот на учебната година остана намалувањето на бројот на часови по македонски јазик во шесто одделение во наставата за учениците од етничките заедници што образованието го стекнуваат на својот мајчин јазик. Имено, од оваа учебна година, во овие наставни програми, наместо три часа неделно да се предава македонски јазик, таа ќе се одвива само во два часа.

Тоа им било (полу)официјално соопштено на наставниците што предаваат македонски јазик во т.н. етнички училишта (најмногу во западна Македонија – Тетово, Гостивар, Струга…) на онлајн обуката од Бирото за развој на образованието (БРО), за примена на новата концепција за шесто одделение, неколку дена пред почетокот на учената година.
– Заклучокот дека треба да се намали бројот на часови по предметот Македонски јазик, според новата концепција во образованието, прво во шесто, па подоцна и во седмо одделение, е донесен уште минатата учебна година, но сега на обуките од БРО ни беше соопштено дека почнува да се имплементира веќе сега, од оваа година. Само ни соопштија, без образложение поради кои критериуми и аргументи се намалува бројот на часови во наставата на други јазици, односно на јазиците на етничките заедници. Немаше одговор од советниците од БРО и што ќе следува понатаму со примената на новата концепцијата во повисоките одделенија во наредните години. Дали и во седмо, осмо и деветто одделение ќе се намалува бројот на часови по македонски јазик во оваа наставна програма? Последиците од овие измени имаат два аспекта – едниот е дали со намалувањето на бројот на часови во наставата за учениците од етничките заедници, практично се намалува, потиснува значењето на македонскиот јазик, како официјален јазик на целата територија на Македонија?

Вториот аспект е професионално-егзистенцијален, кој ги засега наставниците по македонски јазик во етничките образовни средини. Со програмското намалување на бројот на часовите, практично им се намалува и фондот на часови на наставниците, од што понатаму произлегува вреднувањето на нивниот труд. И за тоа не добивме никакво објаснување, како ќе се регулира намалувањето на бројот на часовите, со работниот ангажман на наставниците, освен генералното соопштение од МОН и од министерот дека никој од наставниците нема да остане без работа – вели наставничка по македонски јазик што предава токму во т.н. етничко училиште во западниот дел на Македонија.

Според наставните програми за 2023/2024 година, подготвени од Бирото за развој на образованието, часовите по македонски јазик во наставата што се изведува на други јазици (каде што учениците од одредена етничка заедница се повеќе од 20 отсто) е предвидено да започнуваат од четврто одделение, па до крајот на основното образование, со завршување на деветто одделение. До минатата учебна година македонски јазик се изучувал со по два часа неделно, во четврто, петто, осмо и деветто одделение, додека за шесто и седмо одделение биле предвидени по три часа седмично. Од актуелнава учебна година, со примената на новата концепција за шесто одделение, македонскиот јазик во наставата за етничките заедници е предвиден со два часа, а наставниците претпоставуваат дека од наредната година, кога ќе се „реформира“ и наставата за седмо одделение, и во таа година ќе биде намален бројот на часовите. Неизвесно е дали и понатаму, во другите одделенија ќе се намалува бројот на часовите по македонски јазик.

Парадоксална е и самата состојба што македонскиот јазик, кој е официјален јазик во Македонија, учениците од малцинските етнички задници што следат настава на својот мајчин јазик почнуваат да го учат во наставата дури од четврто одделение, додека, пак, странски јазик (најчесто англиски), почнуваат да учат во наставата уште од прво одделение.

Намалувањето на бројот на часовите по македонски јазик во образовниот систем на Македонија само по себе имплицира на деградација на статусот на македонскиот јазик, како официјален јазик на државата, но и игнорирање и саботирање на толку нагласуваната потреба за интеграција во општеството и државните институции на сите етнички заедници. Потиснувањето на значењето на македонскиот јазик, преку намалување на неговата застапеност во образованието, оди само во прилог на општествената сегрегација.