Ќе се ограничиме на вкупно пет филма, но секој од нив секако го заслужува вашето внимание.

„Приказна за Бронкс“ (1993)
„Приказна за Бронкс“ е режисерско деби на познатиот актер Роберт де Ниро. По примерот на својот долгогодишен соработник Мартин Скорсезе, тој сними филм за момче што расте во италијанска населба во Њујорк, каде што цвета организираниот криминал. Главниот лик на овој филм мора да донесе одлука дали да подлегне на привлечноста на животот надвор од законот или да се одлучи за помалку гламурозниот морален живот што го води неговиот татко.


„Тивко место“ (2018)
„Тивко место“ е еден од најдобрите хорор-филмови во последно време. Малкумина знаат дека главниот актер на филмот, Џон Красински, е и негов режисер. Заплетот на овој филм се одвива во постапокалиптичен свет, каде што луѓето се принудени да живеат во тишина, бидејќи секој звук што го испуштаат го привлекува вниманието на чудовиштата што се подготвени да ги истребат.

„Катастрофалниот уметник“ (2017)
Филмот „Катастрофалниот уметник“ е заснован на истоимената книга на Грег Сестер, актерот што учествувал во снимањето на еден од најлошите филмови на сите времиња, „Собата“ (2003). Во неа се открива што се случувало зад сцената на оваа кинематографска катастрофа и го опишува неочекуваното пријателство помеѓу авторот на книгата и режисерот (и главен актер) на „Собата“, Томи Вајзо. Во филмската адаптација на книгата, улогите им беа доверени на браќата Дејв и Џејмс Френк. Џејмс Френк е и режисер на „Катастрофалниот уметник“.

„Брза промена“ (1990)
„Брза промена“ е комедија за грабеж што тргнал наопаку. Филмот го режираше Бил Мареј. Тој се најде и во главната улога, а пред камерата друштво му правеа Џина Дејвис, Ренди Квејд, Стенли Тучи и Џејсон Робардс. Филмот не беше претерано гледан во годината кога беше објавен (1990), но во меѓувреме доби голем број обожаватели.

„Дон Џон“ (2013)
Во 2013 година популарниот актер Џозеф Гордон-Левит се испроба во режисерската улога. Неговиот прв филм „Дон Џон“ чинеше само пет милиони долари, а заработи осум пати повеќе. Тоа е романтична приказна за Џон Мартел (Гордон-Левит), еден вид модерен Дон Жуан, кој има само еден мал проблем. Имено, иако нонстоп ги шармира девојките и поминува ноќи со нив, сепак најголемото сексуално задоволство го наоѓа во гледањето порнографија. Кога девојката по име Барбара Шугарман (Скарлет Јохансон) ќе влезе во неговиот живот, тој ќе мора да донесе голема одлука: дали да продолжи како порано или да се обиде да се промени?