За Возарци е неприфатлив предлогот цинкарница да се гради близу селото, реагира Зоран Силјанов, претседател на месната заедница. Во изјава за МИА, тој нагласува дека за над илјада жители во селото, злосторство е ако им се изгради уште една загадувачка индустрија.
-Колку што сум информиран, во оптек е предлогот цинкарницата наместо на излезот од Кавадарци кон Росоман, како што првично се бараше од кавадаречки инвеститор, да се гради кај „Фени” близу Возарци. Затоа јавно укажуваме дека такво нешто нема да дозволиме во никој случај- дециден е Силјанов.
Тој додава дека ќе ги преземат сите можни законски мерки кои им стојат на располагање и нема да дозволат дополнително загадување на животната средина во која живеат.