Никола Николовски

Меѓу 424 учесници (21 ВМ), Лазов e на 48-то, а Велјаноски на 114-то место

ШАХ – „ОПЕН АРАД“, РОМАНИЈА

Членот на ШК Гамбит Асеко СЕЕ и македонски репрезентативец, интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски (2.361 рејтинг-поени, рангиран на 56-то место пред почетокот) постигна извонреден успех на 16. меѓународен шаховски турнир во Романија „Опен арад“. Во конкуренција на 424 учесници (21 ВМ, три ЖВМ, девет ИМ, три ЖИМ, 46 ФМ, четири ЖФМ), од 28 држави, по девет кола (швајцарски систем) со класично темпо на игра, Николовски заврши на одличното трето место со 7,5 поени (седум победи, едно реми и еден пораз), како и нови 15,5 рејтинг-поени. Особено беа значајни ремито со словачкиот ФМ Самир Шахиди (2.497) и победата во последното коло над ВМ од Русија, Максим Чигаев (2.616). Николовски имаше ист број поени колку и Ерменецот Хаик Мартиросјан (2.693, рангиран прв), кој победи, и контроверзниот млад ВМ од САД, Ханс Ниман (2.660, рангиран втор), но според дополнителниот критериум, е сепак трет. Ниман, пак, стана актуелен кога во 2022 година го победи поранешниот светски првак Магнус Карлсен, а Норвежанецот јавно напиша дека Ниман се служел со мамење во таа партија.
Од Македонците, ИМ Тони Лазов (2.356, рангиран на 59-то место) од ШК Алкалоид со шест поени (по четири победи и ремија и еден пораз) е на 48-то, а ФМ Андреј Велјаноски од ШК Гамбит Асеко СЕЕ (2.305, рангиран на 80-то место) е на 114-то место, со 5,5 поени (четири победи, три ремија и два пораза). Наградниот фонд изнесуваше 30.000 евра, од кои 5.000 за првото место, 3.000 за второто, а 2.000 евра за третото. Г.И.