Фото: ЕПА

ПО ДОГОВОРОТ НА ЧЛЕНКИТЕ НА ОПЕК ПЛУС

Цените на нафтата во понеделникот го достигнаа највисокото ниво од средината на април. Скокот на цената на црното злато дојде откако Украина во текот на викендот го нападна клучниот руски извозен центар за нафта, пристаништето Новоросијск.
Второ, како фактор на цената влијаеше и тоа што Саудиска Арабија најави дека ќе го продолжи намалувањето на производството за еден милион барели дневно.
И трето, официјална Москва, која е втор најголем извозник на нафта во светот, исто така соопшти дека ќе го намали извозот во септември. Како што пишува Си-ен-би-си, сите овие настани во изминатите неколку дена влијаеле цените на овој енергетски производ на берзите да достигнат највисоки вредности во последните четири месеци.
Да потсетиме, претходно тие растеа шест недели по ред. Скокот на цената на нафтата делумно се одразува и на поскапувањето на дизелот и бензинот на берзата. Нафтата може да ја покрене спиралата и за други поскапувања. Фјучерсите на брент во понеделникот се тргуваа за 86,17 долари за барел, што е највисока вредност од 14 април годинава. Вчера имаше благ пад од околу 1,60 отсто. Така, во вторникот брент се продаваше за 84,01, а ВТИ за 80,63 долари за барел. Еден од директорите на инвестициската компанија „Бизон интересс“, Џош Јанг, изјави дека очекува да види многу повисоки цени.
– Мислам дека цените на нафтата ќе бидат доста нестабилни во иднина – рече Јанг.
Можеби ќе видиме некакви рекордни достигнувања на пазарот додека поминуваме низ оваа динамика на недоволна понуда во однос на побарувачката. Слична процена стигна минатата недела од угледниот портал „Оилпрајс.ком“. Во нивната анализа тие наведуваат дека силната глобална побарувачка за нафта, особено од Кина, заедно со извештаите за намалените резерви на црното злато низ светот, сугерираат дека цените би можеле да достигнат 100 долари за барел пред крајот на годината. Ед Морс, шеф за истражување стоки во Ситибанк, има пооптимистички поглед на ситуацијата на пазарот на црното злато. Тој смета дека производството на Саудиска Арабија и на Русија, најверојатно, ќе се врати во октомври и дека цената на нафтата во овој квартал ќе достигне максимални 90 долари за барел.