Еден од најпознатите американски и светски слависти нема дилеми за македонскиот јазик
Во време кога македонскиот јазик, идентитет и историја се под закана од нов асимилаторски удар од соседните земји, поддршката во одбраната на најсветите атрибути на еден народ, каков што е впрочем неговиот јазик, доаѓала и доаѓа од оние на кои научните и историските факти не им се замаглени низ призмата на хегемонистичките очила, туку гледаат трезвено и онака како што на тоа гледа целиот демократски цивилизиран свет.
Еден од тие што целиот свој живот го поминаа во изучување и промовирање на македонскиот јазик, историја и култура е Виктор Фридман, професор што со право може да се вброи меѓу најголемите американски и светски слависти, кој за својата беспрекорна работа во афирмацијата на македонскиот јазик во светски рамки деновиве беше награден со годинешната награда за хуманизам, која веќе 17 години ја доделува Охридската академија на хуманизмот.
– Македонскиот јазик е посебен словенски јазик, како бугарскиот, хрватскиот, српскиот. Сегашните проблеми ќе се решат некако, важно е дека македонскиот јазик постои и ќе продолжи да постои, и точка – вели категорично професорот Фридман од Универзитетот во Чикаго.
За него не постојат дилеми оти македонскиот јазик се разликува и од српскиот и од бугарскиот на секое лингвистичко ниво, од фонологијата, преку морфологијата, до лексиката, синтаксата…
– Сличности има, но и Швеѓаните и Норвежаните можат да се разбираат кога се среќаваат заедно, а никој не кажува дека норвешкиот е шведски дијалект или обратно, нели. Во тоа е работата, дека Скандинавците се многу понапредни од Бугарите – изјави Фридман.
За професорот, кој повеќе од 50 години го учи, истражува и зборува македонскиот јазик, едноставно е неразбирливо дека македонскиот јазик предизвикува проблеми какви што сега продуцираат соседните земји.
Како остар критичар на политиките на Бугарија кон Македонија во однос на македонскиот јазик, во една пригода тој ги окарактеризира актуелната бугарска политика кон Македонија и бугарскиот однос кон македонскиот јазик како фашистички.
– Да. Затоа што во времето на фашизмот, кога Бугарите ја окупирале Македонија, а тоа беше окупација, ги тепале децата што зборувале македонски… Тоа е фашизам. Во времето на фашизмот македонскиот јазик се сметал за бугарски дијалект. Сега исто така Бугарите тврдат за македонскиот јазик дека бил бугарски дијалект, што е идентичен став со она од фашистичкиот период – прави паралела професорот Фридман.
Истовремено тој смета дека Европа е таа што треба да му стави крај на сето тоа, а Македонија да остане цврста во одбраната на посебноста на македонскиот јазик.
Кога станува збор за бугарските забелешки и оспорувања во однос на некои историски прашања, професорот нема намера да навлегува во историјата на средновековието, како цар Самуил, но опстојува на својот цврст став во одбраната на вистината кога станува збор за поновата историја.
– Оваа работа со цар Самуил е многу компликувана и јас нема да чепкам во овие средновековни работи, затоа што историчарите треба да се договорат што сакаат. Ама, кога станува збор за Втората светска војна, тогаш не смее да се отстапи од тоа што го имаат направено Бугарите во Македонија во времето на Втората светска војна – дециден е професорот Фридман. С.Т.