Црквата „Свети Климент Охридски“ во селото Пожаране / Фото: Киро Кипроски

Она што е посебно за обележување е фактот дека по Охрид, никаде на друго место во Македонија, како во селото Пожаране, не е толку раширен култот на Свети Климент Охридски. Ова беше истакнато на положувањето на камен-темелникот, а ктиторот на црквата, Гоце Томовски, дополни: „Во месноста Козамлец, во близината на селото, Свети Климент престојувал како епископ велички, меѓу овој простодушен народ, плодната почва ја изучувал за свети и црковни работи“

Култот во Македонија за еден од првите средновековни словенски светци, научник, писател и просветител

Во гостиварското село Пожаране, поточно во месноста Климентица, што се наоѓа сретсело, денеска, со величествен црковно-народен собир ќе се освети возобновениот црковен храм посветен на Свети Климент Охридски. Со чинот на осветувањето, со свештенослужители на епархијата, ќе чиноначалствува митрополитот г. Јосиф, надлежен архијереј на Тетовско-гостиварската православна епархија на МПЦ-ОА, кој пред осум години, на 21 мај 2015 година, го освети и го положи темелот на црквата.
Она што е посебно за обележување е фактот дека по Охрид, никаде на друго место во Македонија, како во селото Пожаране, не е толку раширен култот на Свети Климент Охридски. Ова беше истакнато на положувањето на камен-темелникот, а ктиторот на црквата, Гоце Томовски, дополни: „Во месноста Козамлец, во близината на селото, Свети Климент престојувал како епископ велички, меѓу овој простодушен народ, плодната почва ја изучувал за свети и црковни работи“.
Гостиварското село Пожаране, вгнездено во пазувите на Шар Планина, на околу 900 метри надморска височина, се наоѓа меѓу полошките градови Гостивар (15 км) и Тетово (20 км), со кои е поврзано со асфалтен пат. Во историските документи за првпат се споменува во 1461 – 1462 година. Пожаране имало три манастири и десетина цркви, разрушени во 19 век. Денес има три цркви „Св. Никола“, „Св. Климент Охридски“ и „Св. Илија“. На Балканот и пошироко, селото е познато по легендарната народната песна „Благуњо дејче пожаранче“, која ја испеал народниот пејач за преубавата Благуња, која не сакала да се потурчи, ниту пак дозволила да ја грабне бегот, кој ѝ се намерачил. Таа била причината целото семејство да побегне од Пожаране и да се пресели во Тетово.
Историчарот Веле Коцески, по потекло од селото Пожаране, кој подолг период вршел истражувања, открил дека во минатото постоеле три манастири и десетина цркви, за кои постојат и материјални докази. Еден од манастирите се наоѓал во месноста Напесок и бил урнат од турскиот башибозук околу 1700 година, во знак на одмазда бидејќи пожаранци биле приврзаници на Карпошовото востание (1689 година), што било спротивно на интересите на Османлиите. Вториот манастир се наоѓал во месноста Соколец, посветен на Свети Спас. Во негова близина се наоѓала црквата „Златна црква“. Третиот манастир му бил посветен на Свети Климент и бил изграден во месноста Климентица.

Жителите на Пожаране никогаш не го заборавиле својот учител Свети Климент, истакнува Стојче Николовски, потпретседател на Црковниот одбор на селото, при нашата посета деновиве, додека со членовите на црковниот одбор и други верници ги вршеа последните подготовки за осветувањето. На прашањето како дошле до идеја да му изградат нов дом на светецот, соговорникот ни вели дека на почетокот на милениумов повеле иницијатива да го возобноват постојниот црковен храм изграден пред неколку века. Дотраеноста на храмот била основната причина. Според пожаранци, Свети Климент Охридски заслужува да има достоинствен дом бидејќи со векови е нивен култ и од колено на колено се пренесува дека престојувал во селото. Изградбата била одложувана бидејќи не ги имале обезбедено потребните парични средства.
Со божја помош, со ангажирање на Црковниот одбор и на ктиторот Гоце Томовски се создале услови и пред осум години на свечен начин беше означен почетокот на градба на црковниот храм и на пожаранци почна да им се остваруваат желбата и потребата.
Но во текот на изградбата се соочувале со проблеми, а Црковниот одбор навремено ги решавал. Меѓутоа, како што ни рече Стојче Николовски, најтежок проблем им бил како да ги ослободат заробените црковни пари што ги имале депонирани во Еуростандард банка АД Скопје, која во 2020 година беше ставена во стечај. Поради тоа не биле во можност да ги завршат договорените рокови за зографисување и изработка на иконостасот. Успеале да ги добијат заробените средства и успешно ги завршиле сите договорени активности и го подготвиле црковниот храм за чинот на денешното осветување. Во тоа се убедивме пред некој ден кога го посетивме селото. Пристапниот пат до црквата и паркингот околу неа беа асфалтирани, со камен беа изградени потпорните ѕидови, платформата беше израмнета, посеана со трева и засадена со дрвја. Тајфата на охридскиот зограф Љупче Лешковски квалитетно го завршила живописувањето на црквата, а копаничарската тајфа на Наумче Вашуковски од Битола го завршила монтирањето на иконостасот. Ѕидарските работи на црквата со делкан камен квалитетно ги завршила тајфата на Милко Ристески, од гостиварското село Дуф.


Митрополит г. Јосиф, надлежен архијереј на Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА

Свети Климент ги развил темелите на словенската писменост и извршил силно културно влијание врз македонската и светската културна ризница

Митрополитот г. Јосиф, надлежен архијереј на Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА, е особено задоволен што на Климентовиот празник, по осум години кога ги освети темелите на црквата „Св. Климент Охридски“ во селото Пожаране, денеска ќе го освети храмот што пожаранци сложно и вредно го изградија.
– Жителите на Пожаране и иселените постојано на ум го имаа преданието дека во нивното село некогаш престојувал нашиот денешен славеник Климент. Предавајќи го од колено на колено преданието, исполнет е аманетот на предците и со изградбата на храмот – засекогаш од заборав го зачувавте светиот Климент. Храмот е велелепен, изгледа величествено и го краси овој прекрасен предел. Особено ме радува што по Охрид, и во нашата епархија, во Пожаране, е раширен култот на светиот Климент, патронот на нашата Македонска православна црква – Охридската архиепископија, со својот свет живот и дела, како просветител, мисионер и епископ направил многу за христијанизирањето на нашиот народ. Неговиот култ на овие простори, според сведоштвата, датира одамна. Тука постоела средновековна црква посветена на светиот Климент, на чии темели со Божја помош е изграден новиот храм. Свети Климент Охридски е најдаровитиот ученик на светите рамноапостолни браќа, сесловенските просветители Кирил и Методиј, кој го заслужи епитетот „втор апостол Павле“ за Македонија, како што пишува во житието за него блажениот Теофилакт Охридски. По смртта на неговите учители, носејќи го со себе нивниот дух, тој ја основал Охридската книжевна школа во Македонија, која станала граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и ја издигнала третата – словенската, јазично-културна цивилизација. На тој начин, преку воведувањето на словенскиот јазик во просветата и во богослужението и со развојот на плодна книжевна дејност – Свети Климент ги развил темелите на словенската писменост, извршувајќи силно културно влијание врз македонската и врз светската духовна ризница. Оттаму и денес по цели 1.130 години од неговата хиротонија во 893 година за епископ на Величко-дремвицката епархија, Свети Климент Охридски со право се слави како наш најголем светител, просветител и учител, кој го учел народот во верата, го просветувал и како вистински духовен пастир го водел на патот на спасението. Затоа свети Климент како наш духовен патрон треба да биде постојан образец за тоа како треба да живееме вистински христијански живот – вели митрополитот г. Јосиф.