Фото: Ка.М.

Карпалак е траен белег во историјата на прилепчани

Делегации од Парламентот, од Владата, од МО и ГШ на АРМ, од општина Прилеп, од семејствата на загинатите, од политички партии и Здруженија на граѓани, со полагање цвеќиња, денеска одбележаа 22 години од масакрот кај Карпалак во кој на овој ден 2001 година загинаа десетмина прилепски бранители: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски.

Tоа кобно утро на 8 август 2001., во само еден миг, Прилеп загуби 10 свои синови, на кои што денес достоинствено и со почит им се поклонуваме, за нивната храброст и несебична пожртвуваност, за мир и одбрана на нашата татковина, рече во обраќањето градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

Фото: Ка.М.

– Постојат денови кога времето не може да ја избриши тагата, а мислите не можат да го заборават минатото. Токму, овој е таков ден, кој што остава траен белег во колективната свест на прилепчани, во меморијата на македонскиот народ. На овој ден, рафалите од терористичките напади го нападнаа конвојот на стотина прилепски армиски резервисти, кај Карпалак, кои на тој ден тргнаа да ја бранат татковината, да ја бранат слободата и независноста на Република Македонија. Но токму во моментите кога се преговараше за мир, Прилеп ја доби најкобната вест во својата понова историја – конвојот од прилепскиот армиски состав бил нападнат, кукавички, од заседа. Болката за нивната прерана смрт не може да се потисне, ни по 22 години. Прилеп и прилепчани со големо достоинство, гордост и почит, чествуваат во името на нивната храброст и херојство. И, стоејќи тука пред нивниот споменик, именуван како „Прилепски Бранители“ даваме завет како Македонци, дека ќе го чуваме нивниот спомен, дека ќе ја чуваме оваа наша земја македонска и дека нема да дозволиме повеќе да има човечки жртви, понижувања и војни, туку разбирање, почитување и решавање на конфликите преку дијалог. Верувам дека сите сме согласни во тоа дека злото од 2001 година никогаш не смее да се повтори. Затоа што во воените конфликти нема победници и секоја една солза и загубен човечки живот се далеку повредни од било каков извојуван триумф – посочи градоначалникот Јовчески.

За преживеаните од Карпалак и по 22 години болката и тагата е иста. Велат дека изгубиле другари, соборци, но и дека до денес не се откри вистина кој и зошто ги предаде и жртвуваше. Ка.М.