Фото: ЕПА

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Патеката долга 271,1 км од Единбург до Глазгов, тој ја мина за шест часа, седум минути и 27 секунди.
Холандскиот велосипедист Матје ван дер Пул (28) го освои златниот медал на друмската трка на Светското првенство (СП) што се одржа во Шкотска. Патеката долга 271,1 км од Единбург до Глазгов, тој ја мина за шест часа, седум минути и 27 секунди. Холанѓанецот триумфира на дождливата патека, на која доживеа и пад на 16 км пред целта, но сепак стигна до златото.
Тој е првиот Холанѓанец што станал светски првак на друмска трка, откако тоа му успеа на неговиот сонародник Јоп Зутемелк во 1985 година. Матје ван дер Пул е и првиот велосипедист што ги освоил титулите во друмски велосипедизам и во циклокрос, а тоа му успеа годинава.
Второто место му припадна на Белгиецот Вот ван Арт, со заостанување од една минута и 37 секунди, додека еден од главните фаворити за златото, Словенецот Тадеј Погачар го освои третото место по успешниот спринт, со една минута и 45 секунди послабо време од победникот. Четврти низ целта мина Данецот Мадс Педерсен. Г.И.