Од творештвото на писателот Трајче Кацаров

Како ученик во петто најмногу сакав учителите заедно со учителките да се дел од мојата фамилија. Не сакав да ми бидат којзнае колку блиски роднини, ама, сепак, да ми се блиски.
На пример, сакав учителот по македонски јазик да ми биде татко. Учителката по математика мајка.
Точно така. Не сакав да ми бидат некои блиски роднини, ама сепак да не ми бидат далечни.
Сакав учителката по биологија да ми биде исто така мајка, учителот по географија, кој изгледаше како паднат од месечината, исто така да ми биде татко.
Сакав учителот по историја, кој изгледаше како да ја голтнал „Статуата на слободата“, да ми биде татко. Учителката по хемија, која имаше фаца на епрувета наполнета со жолта течност, да ми биде мајка. Само учителката по физичко образование и воспитание, која изгледаше како облаче во бикини, сакав да ми биде сосетка. Не сакав да ми биде роднина оти бев вљубен во неа.
Кога би се направил збир на моите желби, ќе излезе дека сум сакал да бидам дете феномен. Феномен, не по постигнатиот успех во училиштето, туку по бројот на татковците и мајките.
Ни помалку ни повеќе, скромниот јас, сум сакал да сум син на седум мајки и исто толку татковци. Зошто велам на седум?
Оти имавме четиринаесет наставни предмети. Со оној за фискултура беа петнаесет. Ама нели учителката ми беше симпатија, па тој предмет беше надвор од моите желби за непречена едукација.
Денес кога ќе се сетам на таа моја желба умирам од страв. Просто трески ме тресат. Па ако сум имал толку мајки и татковци учители, јас ќе сум магистрирал пред да се запишам во прво. Односно, ќе сум станел доктор на науки пред да научам да пишувам и да читам. Просто ќе сум бил ептен погоден за денешницата, односно, за примената на акумулираното школско знаење.
Но, ете, и во таа работа сум имал среќа.
Што се однесува до роднините учители и учителки, јас школските години сум ги поминал како сираче.
Куку леле за тогаш, ама среќичка за денес! Велам среќичка, зашто училиштето за мене тогаш беше висока планина, неосвоив врв. А нели рековме: на висока планина се качува со ситни чекори.
Ете, сум имал среќа да не докторирам пред да научам да читам и пишувам.
Токму статусот на ученик без роднини учители ме направи да ги засакам книгите, односно да сфатам дека единствениот начин духовно да пораснам и да почнам да го гледам светот како што заслужува, е да се вљубам во книгите. Токму така, да се вљубам како што се вљубив во учителката по фискултура. А да си вљубен значи да си среќен и да уживаш поради изборот.
Јас ги избрав книгите зашто вљубувањето во нив е вљубување во вистината, во наукот што постојано нѐ предупредува: Полека кон секоја цел. Прво научи, размисли, па реагирај. Прво стани мудар, па кажи.


Песна за книгите

Книгите се како и куќите,
Не ги бираат станарите
Ниту пак им праќаат порака
Да се живее вака, или онака.

Книгите се толку мали,
А во нив растат планини.
Се шират водени рамнини
Месечината во нив кревет има
а сонцето ручек на масата.

И покрај тоа, лесни се ко перца
И се носат во куфери, ташни и ранци,
Но, и за нив најголема е среќата –
Кога ќе се најдат во рацете на децата.

(Од книгата „Скаските на Мето од петто“)