Фото: Игор Бансколиев

Во заклучоците на последниот нацрт-извештај од скринингот за кластерот 1, „Фундаментални вредности“, на Европската комисија е дадена генерална оцена дека земјава е „делумно подготвена за членство во ЕУ, во однос на легислативата и нејзиното спроведување во практика во согласност со стандардите на ЕУ. Ваквите заклучоци, според соговорниците, ја оставаат отворена можноста, дури и со внесени Бугари во Уставот, за објективни блокади не само од Бугарија туку и од други земји-членки на Унијата што не сакаат да внесуваат дополнителни проблеми во и онака поделеното европско семејство

СПОРЕД ПОСЛЕДНИОТ НАЦРТ-ИЗВЕШТАЈ ОД СКРИНИНГОТ ЗА КЛАСТЕРОТ 1, „ФУНДАМЕНТАЛНИ ВРЕДНОСТИ“, НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

Ниту внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, а уште помалку слепата послушност кон сè што доаѓа како диктат однадвор ќе помогне во забрзувањето на евроинтегративните процеси на Македонија ако и понатаму некој упорно одбива да си ја сработи домашната задача во делот на реформските процеси и не работи ништо за да ја направи државата попристојно место за живеење.

Наодите во скринингот нов ас во ракавот на Софија

Македонија и натаму, благо кажано од страна на Европската комисија, ќе остане само „делумно усогласена со европската легислатива“, но во практика македонските граѓани не гледаат никаква европеизација на државата сиве овие години, туку сведочат на целосно разградување на системот по сите основи.
Најдобра потврда дека домашните политичари не работат на средување на состојбите дома туку чекаат Европа да го направи тоа за нив, а тие само да уживаат во благодатите на владеењето, е последниот нацрт-извештај од скринингот за кластерот 1, „Фундаментални вредности“, на Европската комисија. Генералната оцена што може да се извлече на прв поглед од нацрт-верзијата е дека земјава е „делумно“ подготвена за членство во Европската Унија во однос на легислативата и нејзиното спроведување во практика во согласност со стандардите на ЕУ.
Ваквите заклучоци секако ја оставаат отворена можноста дури и со внесени Бугари во Уставот, земјава веднаш да се соочи со редица проблеми, почнувајќи од нефункционалниот правосуден систем и немањето вистинска борба со корупцијата, што широко ги отвора вратите за објективни блокади не само од Бугарија туку и од други земји-членки на Унијата што не сакаат да внесуваат дополнителни проблеми во и онака поделеното европско семејство.
Според експертите за европски прашања, можностите за блокади се многу, особено кога земјата има многу несредени внатрешни работи што се забележани при скрининг-процесот.
– Може корупцијата да биде пречка, може и сè друго да биде пречка, никогаш не може да знаеме што ќе се појави. Може да биде пречка и сè што се случува со Судскиот совет, на пример, или со Одделот за организиран криминал – вели Малинка Ристевска Јорданова.
Според неа, можност за блокада ќе се појави и ако се промени досегашната практика, односно ако за скрининг-извештајот за Македонија гласа секоја земја-членка одделно.
– Според преговарачката рамка, таму не стои дека сите земји- членки ќе се изјаснуваат. Ако се изјаснуваат земјите-членки во однос на овој извештај на ЕК, тоа ќе биде сосема различна ситуација од она што било порано, бидејќи порано се знаело дека скрининг-извештајот е објективен во рацете на ЕК. Доколку сега стане предмет на усвојување на земјите-членки, тоа значително ќе ја усложни работата – констатира Ристевска-Јорданова.

Поразително е по 33 години демократизација да сме само „делумно усогласени“

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека е поразително за државата по нешто повеќе од три децении и натаму да сме „делумно усогласени“ со клучниот кластер на ЕУ.
– Трагично е по 33 години демократизација да сме само „делумно усогласени“ со првиот кластер. Јасно дека е институциите не се менуваат прекуноќ, но веќе предолго се влечат проблемите со владеењето на правото, заштитата на човековите права и професионализацијата на државната служба. Заложбата за промена на Уставот е бугарски диктат, но проблемите со првиот кластер се срамота за македонската политичка класа и за правната фела – истакнува Боцевски.
И другите соговорници се согласуваат дека само поради лежерниот однос на политичките елити сиве овие години Македонија е далеку од европските перспективи, а ваква каква што е сега им дава безброј алатки на сите за дополнителни блокади.
– Ако до вчера Бугарија без никаква основа блокираше за историски прашања, утре со право може да стави вето за работењето на Судскиот совет и за немањето резултати во борбата со корупцијата и криминалот, а за таквите забелешки несомнено ќе биде поддржана и од другите земји-членки. Впрочем, тоа пред извесно време тука ни го кажаа и амбасадорите на Холандија и од Австрија. Мора конечно некој да се зафати со сериозно рестартирање на државата, оти вака како што сме тргнале, во ЕУ ќе влеземе само како делови од други држави – заклучуваат соговорниците.