Можни противници на црвено-жолтите се Литванија, Грција, Италија и Германија од вториот барабан, Чешка, Полска, Турција и Ц. Гора од третиот и Унгарија, Естонија, Холандија и Бугарија од шестиот

КОШАРКА – ПРЕД ДЕНЕШНАТА ЖДРЕПКА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2025

Македонската кошаркарска репрезентација денеска ќе ги добие противниците во квалификациите за пласман на ЕП 2025, и тоа преку полудиригирана ждрепка што ќе се одржи во Минхен, Германија. Црвено-жолтите се во претпоследниот седми по квалитет барабан.
Можни противници на црвено-жолтите во квалификациите за пласман на ЕП 2025 година се Литванија, Грција, Италија и Германија, кои се во вториот барабан, Чешка, Полска, Турција и Црна Гора од третиот и Унгарија, Естонија, Холандија и Бугарија од шестиот.
Во квалификацискиот циклус ќе настапат 32 репрезентации поделени во осум групи, од кои по три од секоја од нив ќе се пласираат на ЕП. Натпреварите ќе се играат во три прозорци, и тоа во периодот помеѓу 19 и 27 февруари 2024 година, 18 до 26 ноември 2024 и 17 до 25 февруари 2025 година. Г.И.