Фото: ЕПА

Во земјите од ЕУ се организираат широки стручни и јавни расправи за редица прашања. Во Франција, на пример, од каде што дојде францускиот предлог, имаше неколкугодишна дебата за примена на евтаназија, односно давање средства за усмртување луѓе, познато и како убиство од милосрдие. За жал, во Македонија со години се применува метод на пасивна евтаназија на државата и народот. И сето тоа без јавна дебата и без согласност од граѓаните и државата

Како во државите од ЕУ се организираат големи национални дебати

Додека во Македонија досега немаше ниту еден ден јавна дебата во врска со уставните измени, во земјите од ЕУ не може да се замисли да се донесе каква било одлука (по кое било прашање) без претходна широка јавна и стручна дебата со вклученост на сите заинтересирани страни. Ваквите големи национални дебати во земјите од ЕУ траат со месеци, па и со години, за да може да се разгледаат сите сценарија и да се ислушаат сите мислења, со единствена цел да се донесе најдоброто можно решение. За разлика од ЕУ, кон која, нели, се стремиме, кај нас без јавна дебата, некако со сила или со политички интриги се турка прашањето за уставните измени, исто како и претходно редица други прашања од значење за државата и за граѓаните. Ако сакаме влез во ЕУ, веројатно треба да се угледаме на ЕУ, и во однос на организирањето дебати и во однос на почитувањето на волјата на народот.
Во продолжение издвојуваме само неколку покарактеристични примери за што сѐ ЕУ организира широки стручни и јавни дебати.
Прашањето околу летното или зимско сметање на времето е можеби најдолгата дебата што досега се водела во ЕУ и која сѐ уште трае. Европската комисија, по претходно низа јавни консултации и стручни анализи, уште во септември 2018 година презентираше предлог за ставање крај на сезонските промени на часовникот. Беше организирана и голема јавна анкета во сите земји-членки на Унијата, за да се слушне мислењето на сите граѓани.

За време на јавната дебата и направените анкети во ЕУ, во која учествуваа околу 4,6 милиони граѓани, 84 проценти од Европејците се изјаснија да не се менува времето во летно или зимско, односно да има само едно сметање на времето како пред 1976 година, 56 отсто сакаат да остане летното сметање, додека 36 проценти – зимското сметање на времето. Но и по шест години конечна одлука во однос на ова прашање сѐ уште нема. До некое идно решение оставено е секоја земја-членка сама да одлучи и избере дали ќе остане на летното или на зимското сметање на времето.
Прашањето на проширување на ЕУ е исто така предмет на широка дебата во Европа, која трае со години и понатаму е незавршена. Токму од есен се најавува нов импулс на оваа дебата за да се види во кој правец ќе се движи Унијата, дали кон ново проширување или, пак, вратите за нови членки ќе се затворат на подолг рок. Дебатата за проширување на ЕУ на моменти е и многу тензична.
– Ако чекаме до 2040 година, ќе го загубиме регионот. Тоа е многу јасно. Мора да бидеме многу побрзи, Солун беше пред 20 години. Почнавме дебата за реформа на Европската Унија, треба да се продлабочиме пред да може да се прошириме. Тоа е ѓубре. Го направивме тоа во Лисабон. Имаме сè. Ние сме подготвени точно за сценариото на зачленување на Западен Балкан во ЕУ – порача неодамна австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, разочаран од однесувањето на Европската Унија во врска со проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан. Но и покрај разочарувањето кај многумина, никој во ЕУ нема намера да ја прекине или да ја заобиколи дебатата, која, веројатно, ќе трае и во следните месеци и години.

Една од пошироките и сеопфатни дебати во рамките на Европската Унија беше и дебатата во однос на брегзит, односно излегувањето на Британија од Унијата. И во рамките на Британија и во рамките на ЕУ беа организирани серија големи национални дебати во однос на ова прашање, кои траеја со месеци и години. Редица прашања остануваат отворени и денес и по неколку години од брегзит.
Во рамките на ЕУ и меѓу самите членки добро познати се долгите и исцрпни дебати секогаш кога се носи буџетот на Унијата. Главно фокусот не е само на висината на финансиските средства, туку и дали ќе биде доволно флексибилен буџетот за да се соочи со сите непредвидени настани, дали ќе има доволно средства да се остварат ветувањата, од кои стари и нови извори ќе се обезбеди финансирањето итн. Сите што барем еднаш следеле некоја дебата за буџет на ЕУ знаат колку се сеопфатни, широки, продуктивни, но и критички овие расправи. Во Франција се организираше голема национална дебата во врска и со кризата со таканаречените „жолтите елеци“. Соочен со социјалната и безбедносната криза предизвикана од протестите на „жолтите елеци“, лично претседателот Mакрон најави одржување „голема национална дебата“ за четири теми: еколошка транзиција, оданочување, јавни услуги и граѓанско општество.
Еве уште еден пример, исто од Франција.
Во оваа држава, од каде што дојде францускиот предлог за Македонија, имаше неколкугодишна дебата за примена на евтаназија, односно давање средства за усмртување луѓе. Дебатата се водеше во насока дали е дозволена пасивна евтаназија со исклучување на уредите што го одржуваат човекот во живот или индиректна евтаназија, со која моќните лекови ја ублажуваат болката и го забрзуваат процесот на умирање.
На дебатата се изнесоа многу различни мислења, а прашањето и денес предизвикува низа контроверзии во Франција и пошироко.
За жал, во Македонија, пак, се применува метод на пасивна евтаназија на државата и народот. И сето тоа без јавна дебата, насила и без согласност од граѓаните и државата.