Европската Унија со голема загриженост ги следи актуелните настани во Нигер, каде ситуацијата и натаму е тензична, по бунтот на дел од Претседателската гарда во резиденцијата на нигерскиот претседател Мохамед Базум, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
– Ја потврдуваме нашата целосна поддршка за претседателот Базум и нашето уверување дека Нигер е суштински партнер на Европската Унија во реонот на Сахел, чија дестабилизација нема да им служи на интересите на никого – ниту на земјата, ниту на регионот и ниту пошироко – додава Борел во писмената изјава.
Според него, случувањата во Нигер ќе ги загрозат не само политичката стабилност на земјата и безбедноста на граѓаните, туку и напорите за справување со терористичките движења во регионот.
– Европската Унија целосно се приклучува кон изјавите на Африканската Унија, на Комисијата на АУ и на претседателството на Економска заедница на западноафриканските држави, во острата осуда на овој напад врз демократските институции и обид за дестабилизација на земјата. Европската унија е подготвена да ги поддржи своите партнери во тековните напори за изнаоѓање мирно решение за овој обид за државен удар – додава Борел во пораката.
Војската во оваа западноафриканска држава синоќа на националната телевизија објави дека извршила државен удар, дека е укинат Уставот, дека се суспендирани институциите на власта и затворени границите на државата, а дека претседателот Мохамед Базум е задржан во Претседателската палатата во главниот град Ниамеј од припадници на гардата.
Базум денеска на социјалната мрежа Твитер објави дека „тешко стекнатите придобивки ќе бидат зачувани“ и дека за тоа ќе се погрижат Нигерците кои ја сакаат демократијата, додека министерот за надворешни работи Хасуми Масуду напиша дека ги повикал „сите демократи и патриоти“ да се погрижат оваа „опасна авантура“ да не успее.