Фото: МИА

Вработените во Мeдиумската информативна агенција (МИА) денеска излегоа на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите.

– Првпат во 25-годишното постоење на МИА вработените се принудени преку протест да бараат остварувања на нивните права. Денешниот предупредувачки протест е поради игнорантскиот однос на Владата кон барањата за зголемување на платите согласно Колективниот договор и усогласување со трошоците за живот – изјави Марина Илиевска, вработена во МИА и член на ИО на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Таа информираше дека МИА повеќе месеци чека барањето за зголемување на платите да биде ставено на дневен ред на седница на Влада.

– Зголемувањето на платите во МИА е предвидено во планираните расходи за плати утврдени во Финансискиот план за 2023 година односно за тоа не се потребни дополнителни финансиски средства од Буџетот – дополни таа.

Илиевска посочи дека поради потпросечните плати и неодобрувањето на нови вработувања, МИА веќе се соочува со одлив и недостаток на кадар.

Павле Беловски, претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ, синдикат организатор на протестот, изјави дека ССНМ дава огромна поддршка, бидејќи, како што рече, „МИА е бисер во синдикализмот во македонското новинарство“.

– Тука го имаме единствениот колективен договор што е изработен и потпишан и нуди унапредување на работничките права и заштита на работничките права. Јас се надевам дека нема да застанеме тука и ќе најдеме трајно решение за проблемот МИА, бидејќи проблемот МИА тлее 25 години, со оглед дека МИА е во вазална состојба секогаш кон Владата, бидејќи буџетирањето доаѓа од таму – рече тој.

Беловски дополни дека се надева оти овој протест ќе биде само импулс, а тоа е со носење на Закон за МИА со кој, како што рече, еднаш засекогаш ќе се раскине врската на финансирање Влада-медиум, а буџетирањето на МИА ќе биде со предвиден процент договорен однапред, односно со пари на граѓаните при што граѓаните ќе ја плаќаат содржината и контентот што го произведува МИА, а не Владата.

– Се надевам дека од тука ќе почнеме и ќе резултираме со изработка на Закон за МИА, нешто на што целиме, како што успеавме колективен договор да потпишеме, а се надевам дека многу брзо ќе седнеме на маса и ќе разговараме за Закон за МИА и нашите колеги ќе ја добијат потполно независноста, уредувачката политика и планирањето и растот на нивните плати, бидејќи МИА, да не заборавиме, остварува и приход со нивното квалитетно работење – дополни тој.

Од МИА најавија радикализирање на протестите доколку не се наиде на разбирање и одговор од надлежните, како и барање за решавање на други проблеми кои што постојат во Агенцијата, покрај барањето за зголемувањето на платите.

Синдикатот на Медиумски Информативни агенции-СМИА, кој е репрезентативен синдикат на МИА, исто така, веќе подолго време преговара за нов Колективен договор преку кој се предвидува зголемување на платите.

– Минатата година во преговорите и договорот со Владата СМИА успеа преку систематизацијата да се избори за покачување, а оваа година со поддршка на најголемиот Сојуз во државава Сојуз на синдикатите на Македонија – ССМ, очекуваме реализација на вториот дел од договореното, преку Колективниот договор да се зголемат платите и да се прилагоди со Општиот колективен договор, кој, за жал, во моментов не важи за АД во државна сопственост како што е МИА – велат од СМИА.

Оттаму дополнуваат дека СМИА е во постојана комуникација со менаџментот на МИА со цел успешна реализација на барањата за кои наскоро, како што посочија, очекуваат позитивен одговор.

– СМИА е во постојана комуникација со менаџментот на МИА со цел за успешна реализација на нашите барања за кои наскоро очекуваме позитивен одговор и нема да дозволи да се злоупотреби името на синдикатот како што беше вчера злоупотребено дека сме организатори на протест. СМИА преку Сојузот е партнер со најголемите синдикати во државава и отворени сме за соработка со сите кои официјално ќе побараат поддршка или партнерство со нас – велат оттаму.

Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ, неодамна соопшти дека дава целосна поддршка на Синдикатот на медиумски и информативните агенции – СМИА и Управниот одбор на МИА, во нивните заложби за зголемување на платите на вработените во МИА.