Претседателот Стево Пендаровски по повод 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје положи цвеќе пред Споменикот на жртвите од земјотресот, на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Делегација на Владата предводена од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, во придружба на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и заменик-министерот за образование Агим Нухиу, исто така, положи свежо цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот.
Почит кон загинатите во земјотресот оддадоа и делегации од Собранието и од Градот Скопје, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Македонија.
По повод 26 јули, денот на сеќавањето на катастрофалниот земјотрес, Министерството за култура и Владата организираа мултимедијална програма симболично насловена „Скопје во пет и седумнаесет“, со која преку низа културни настани се одбележуваа спомените од последиците од катастрофалниот земјотрес.