Железничкиот коридор Будимпешта – Белград – Ниш – Скопје ги разбуди регионалните политички страсти
Во подготвителната фаза на „подготвителниот самит“ за Берлинскиот процес што се случи деновиве во Тирана, албанскиот премиер Еди Рама во интервју зборуваше во минато време за проектот Отворен Балкан. Тоа за многумина во регионот беше индикативно и им навестуваше дистанцирање на официјална Тирана од иницијативата за регионална соработка што ја прифатија пред две-три години Македонија, Албанија и Србија. Албанскиот премиер Еди Рама и од Скопје пред некој ден порача дека „не носи вест за смртта на иницијативата Отворен Балкан, но таа иницијатива треба да се тргне малку настрана, за нов фокус на Берлинскиот процес“. Дали интензивирањето на железничкиот коридор север-југ и поврзувањето на таа оска го загрижија албанскиот премиер, па реагираше својствено со други политички агенди на регионално поврзување?
И лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, го повтори ставот на неговата партија во однос на иницијативата Отворен Балкан. Според Таравари, Алијанса се оградува од секој нов проект во рамките на оваа иницијатива.
– Со излегувањето на Република Албанија од Отворен Балкан, овој механизам стана бесмислен и нелегитимен. Дупликативните и неинклузивните механизми што создаваат Западен Балкан со две брзини не му помагаат на интегративниот дух во регионот. Патот напред е јасен: веќе потпишаните договори во рамките на Отворен Балкан мора да бидат целосно интегрирани и имплементирани во рамките на Берлинскиот процес, почнувајќи од октомврискиот самит во Тирана – изјави Арбен Таравари.
За македонскиот премиер Димитар Ковачевски, иницијативата Отворен Балкан е „жива и не е во спротивност со Берлинскиот процес“, и покрај фактот што практично се сведе на Македонија и Србија (со најави за дистанцирана Албанија).
Што мислат експертите за Отворен Балкан од перспектива на регионално раздвижување на населението, бизнисот, стоките и услугите, во
контекст на железничкиот коридор север-југ?
– Секако, убаво е тоа што оваа иницијатива им овозможува поголема слобода на движење на граѓаните на трите земји (без пасоши, само со лични карти или регулирањето на патарините со еден електронски систем во Србија и Македонија), меѓусебно царинско ослободување за некои стоки и производи, но најголемата загрозеност ни се заканува со одливот на работната сила. На пример, Србија има повисок економски развој од Македонија, а со потпишувањето да си ги признаваме дипломите за образовни и стручни квалификации, логично е дека интересот на македонските работници ќе биде насочен повеќе кон српскиот пазар на трудот, поради нешто повисокиот стандард. Од друга страна, сметам дека и Еди Рама, т.е. Албанија, нема толку лесно да се откаже од Отворен Балкан, токму поради овие придобивки од аспирациите на квалификувана работна сила од регионот, претежно од граѓаните Албанци во Македонија, па и Србија. Но сега тактизира, поради отпорот на косовскиот премиер Курти и моменталните меѓусебно нарушени односи меѓу Албанија и Косово. Но во сите тие регионални интереси за иницијативата Отворен Балкан, Македонија не покажува визија за заштита на сопствениот економски, па и национален интерес – вели универзитетскиот професор и дипломат Јован Донев.
Добрата страна на Отворен Балкан, пак, според Мелпомени Корнети, е тоа што можеби се олеснети патувањето и економската и трговската размена (иако бесплатниот роаминг не профункционира во целост), но излегува дека тоа е занемарлива придобивка, со оглед на опасноста од засилен извоз на работната сила од Македонија.
– Во принцип, иницијативата не е лоша, но ние, како Македонија, нема да извлечеме речиси ништо за себе. Што се однесува до привидното повлекување на Еди Рама од Отворен Балкан, тоа е веројатно за Албанија да си ги „одврзе рацете“ за да може полесно да ѝ се посвети на албанската агенда и да може покомотно да му помага на Косово – вели Мелпомени Корнети. Е.Р.