И една година по првата меѓувладина конференција со ЕУ, за Македонија е актуелно прашањето дали е поблиску или подалеку од Унијата. Сега, напредокот на Македонија изгледа како проекција во панаѓурско огледало. Нештата се извртени и не се знае во кој момент како ќе се огледа ликот што се огледува: поблиску или подалеку, лошо, уште полошо или најлошо, потсмешливо, комично или урнебесно, жално, трагично или трагикомично. Сѐ само не вистински, реален одраз на нештата…
Една година по бриселското деби на Македонија на патот кон ЕУ
Летот на авионот кон Брисел со македонската екипа, составена од актуелни владини министри, но и новинари, пред една година, кои на 19 јули требаше да посведочат на почетокот на преговорите на Македонија со Европската Унија, сѐ уште го носи бремето на прашалниците што не му дозволуваат да биде прогласен за историски. Одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, за Македонија значеше дека почетокот на преговарачкиот процес ќе биде нестандарден, во два дела и различен од сите други почетоци на сегашните земји-членки и кандидати. Преговарачката рамка за Македонија, за таа пригода беше спакувана во француски предлог со екстра услови вградени во билатерални протоколи со Бугарија, по чие исполнување и завршување на скрининг-процесот на македонското законодавство ќе може да се одржи втората меѓувладина конференција, на која би се отвориле поглавјата од преговарачкиот процес.
Дилемата што остана за „историското значење“ на првата меѓувладина конференција произлегува од фактот дека во голем дел од македонската јавност, а и кај опозицијата постои изразен отпор за исполнување на бугарските услови за уставни измени со додавање на Бугарите во текстот на конститутивниот акт, подметнати во преговарачката рамка за Македонија. Во досегашниов миг, текстот на уставните измени е подготвен, но се чека Владата да го изгласа на седница и да го испрати до Собранието.
Во меѓувреме сѐ позачестени се гостувањата на европски министри за внатрешни работи во Скопје, со убедувачко-заплашувачка мисија за прифаќање на условно наложените уставни измени. И една година по првата меѓувладина конференција со ЕУ, за Македонија е актуелно прашањето дали е поблиску или подалеку од Унијата.
– Како прво, чиста лага е дека ги започнавме преговорите со ЕУ. Факт е дека е започната постапката на преговарачкиот процес, што треба да заврши со втората меѓувладина конференција. За такво нешто е потребна промена на Уставот. Значи, ако нема промена на Уставот, а не смее да има, Македонија ќе биде на почеток на процесот. Клучно е сите во Македонија да сфатат и да разберат дека со сегашната преговарачка рамка (за која Македонија даде согласност, но ја нема формално прифатено), Македонија никогаш нема да влезе во Унијата. По многу нешта, рамката е намерно така форматирана за да нѐ кочи во евроинтегративниот процес. Со други зборови, Македонија мора да бара друг пат и начин за влегување во ЕУ, а тоа подразбира откажување на Договорот за (не)пријателство со Бугарија и двата срамни и понижувачки протоколи. Сето ова покажува дека Македонија не била никогаш подалеку од Унијата, а дека мора да се направат радикални промени, ако сакаме некогаш да станеме дел од неа – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Според историчарката Наташа Котлар-Трајкова, преговарачката рамка заедно со пакетот услови спакуван во т.н. француски предлог го продолжува историскиот континуитет на „понуда за компромиси“ од големите сили спрема Македонија, од кои таа секогаш излегува како губитник.
– Историски гледано, кога ги прифаќаме компромисите, на кои практично нѐ принудувале (и принудуваат) големите сили секогаш како Македонци и како Македонија – губиме. Од браќата Миладиновци, кои беа принудени на компромис во име на сесловенството да го прифатат македонството како дел од бугарскиот проект, преку компромисот направен во неуспешното Илинденско востание со прифаќање на врховистичките елементи…, Македонија во историски пресудните мигови, секогаш губела. Единствениот пат кога не е направен компромис е во Втората светска војна, од што го добивме АСНОМ, своја држава и не сме губитници.
Сега, повторно ни се наметнуваат компромиси за нашите евроинтеграции, кои повеќе наликуваат на диктат, а не на компромис. Иако Собранието ја изгласа таа информација за т.н. француски предлог на преговарачката рамка со нестандардни анекси и услови, тоа е нешто што не требаше да се случи и не треба да ѝ се случи на Македонија. Со така условената преговарачка рамка не одиме ниту напред ниту назад и се чини дека е така креирана за да заглавиме во евроинтегративниот процес. Дури сегашните убедувачки мисии на европските високи дипломати, од рангот на министри за надворешни работи, целиот процес го прават да изгледа повеќе како политичка лакрдија, отколку на процес заснован на европските принципи и вредности, кои, наводно, сакаат да ни помогнат да ги достигнеме. Како да се сфатат сериозно сегашните убедувачки мисии на чешкиот и словачкиот министер за надворешни работи (а и на целата европска бирократија) за да прифатиме внесување на Бугарите во македонскиот устав, што повлекува и серија други услови за бугаризирање на македонската историја, кога пред три-четири години истите земји издадоа декларација со која зазедоа став дека ЕУ не може да пишува и да влијае со декрети за националните истории и воопшто за историјата. Кога беа сериозни европските министри? Тогаш или сега кога нѐ убедуваат да прифатиме уставни измени, а потоа и бугарска историја? – прашува историчарката Наташа Котлар-Трајкова.