СЕЗОНАТА НА ГОДИШНИ ОДМОРИ ГИ НОСИ ПРЕДИЗВИЦИТЕ ОД ВОЗЕЊА НА ПОДОЛГИ ДЕСТИНАЦИИ
Најголем проблем е заморот и не тестирајте ги границите на вашата издржливост. Кога ќе почнете да ги чувствувате првите знаци на замор, а тие се лесно препознатливи, не игнорирајте ги. Застанете на првото безбедно место и одморете се. Земањето кафе и енергетски пијалаци е – мит. Ја решава моменталната ситуација, но таа состојба се мери во минути. Единствениот лек за уморот е одморот, велат сообраќајните експерти
Во летниот период и во период на високи температури се почести сообраќајните незгоди, пред сѐ поради поголемиот број патувања, сезона е на одмори, во возилата има повеќе патници – патуваат цели семејства и доколку се случи несреќа се случува да има повеќе жртви. Статистиката потврдува дека најголем број од сообраќајните незгоди со фатални последици се случуваат токму во летниот период. Само во 2020 година, во месец јули 17 лица ги загубиле животите во сообраќајни незгоди и 19 во месец август.
ВОЗЕТЕ САМО ОДМОРЕНИ
Според некои статистики, најголемиот број несреќи се случуваат налето, при што многу често страдаат возачите и патниците во автомобилите. Најголем проблем е заморот, а единствен лек за него е одморот.
Заморот е проблем на 21 век, особено за време на летната туристичка сезона. Тоа е една од главните причини за трагични сообраќајни несреќи што резултираат со тешки телесни повреди или смрт, па затоа е исклучително важно возачот да биде одморен.
Ниту Македонија не е исклучок од ваквите статистики. Во текот на летните месеци кај нас се случуваат несреќи за кои најчеста причина биле заморот и губењето на концентрацијата.
Експертите велат дека е потребно особено внимание, бидејќи, кога патуваме на одмор, целото наше семејство е на тие четири тркала со кои управуваме.
– Најголем проблем е заморот и не тестирајте ги границите на вашата издржливост. Кога ќе почнете да ги чувствувате првите знаци на замор, застанете на првото безбедно место и одморете се. Земањето кафе и енергетски пијалаци е лага. Ја решава моменталната ситуација, но таа состојба се мери во минути. Единствениот лек за уморот е одморот – велат сообраќајните експерти.
Според првите луѓе на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), возачите не треба да го потценуваат заморот.
– Се препорачува да патуваат одморени и наспани и да прават минимум 15 минути пауза на секои два часа возење. Сообраќајните незгоди што се последица на заморот најчесто завршуваат фатално. Покрај заморот, брзината и алкохолот се главните причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. Последиците од сообраќајните незгоди се премногу болни, тешки и ненадоместливи, во сообраќајот нема место за лица под дејство на алкохол, тоа е пораката што ја испраќаме до сите учесници во сообраќајот – изјави во една пригода Гордана Кожуваровска, претседателка на РСБСП.
Топлината им го одвлекува вниманието и на пешаците и на возачите
Според сообраќајните експерти, жештината ги погодува и возачите и пешаците. Возачите треба да разберат дека сега пешаците се повеќе склони кон ризично однесување бидејќи бегаат од сонце, немаат трпение да чекаат да се вклучи зеленото светло на семафорите и немаат трпение да одат на пешачки премин, туку преминуваат каде што ќе стигнат.
Тие советуваат дека децата секогаш треба да бидат седнати во своите седишта.
– Страшна грешка е кога мајките ги држат децата во скут. Во случај на директен судир, мајката нема да може да го држи детето, тоа се страшни сили на удар. Второ, во случај на директен судир, детето се движи напред и мајката заедно со него. Тогаш детето е во сендвич кога мајката со својата телесна тежина ќе го убие своето дете – објаснуваат експертите и додаваат дека на децата во возилото не треба да им се прави кревет на задните седишта кога се патува на одмор, туку да се сместат на безбедносно седиште, бидејќи ако не се на седиштето во случај на сообраќајна незгода има големи шанси повредите што ќе настанат да бидат фатални.
– Има причина зошто детското седиште е задолжително, тоа не е тренд, потребно е од аспект на безбедноста – велат експертите.
Ноќното возење е само за искусни возачи и професионалци
Многумина патуваат ноќе, сѐ со цел да го избегнат жешкото, но и за да стигнат побрзо до своите дестинации за одмор. Според експертите, ноќта за возење се препорачува само за професионалци, односно за оние што се обучени да возат ноќе и имаат добра возачка состојба. Не се препорачува за други.
– Препорачуваме да возите дење, а ноќе да спиете, а оние што ќе се одлучат да возат ноќе да знаат дека периодот на разденување е критичен. Од аспект на кризата со спиењето и од аспект на видливоста, нашето око најтешко се приспособува на тој период кога е преминот од ноќ во ден – тврдат тие.
Според нив, клима-уредот мора да биде во функција, особено кога станува збор за долги релации на патување.
– Можеби клима-уредите не се добри за кратки релации, бидејќи прават поголема штета на здравјето на луѓето отколку што се корисни, сепак, за долги релации, тие се единствен спас од нервоза на високите температури. Слободно поставете ја на која температура сакате. Важно е само пред крајот на возењето, односно пред да го напуштите возилото, полека да ги изедначите надворешната и внатрешната температура во возилото. Пет минути пред крајот на возењето, исклучете ја климата, зголемете ја вентилацијата и отворете ги прозорците. На овој начин вашето тело ќе се приспособи на надворешната температура, а системот за климатизација ќе остане сув, односно ќе го спречи развојот на штетни микроорганизми – советуваат експертите.
Тие потенцираат дека е важно да се подготват литар и пол свежа вода по патник, полн резервоар и полн мобилен телефон бидејќи не само што има метеж по пат, има метеж и на граничните премини.
Појасот спасува живот
Појасите се една од навиките што спасуваат живот. Патниците што немале досега навика да ставаат појас, потребно е веднаш да почнат.
– Најчесто патниците што седат на предните седишта се исмејуваат со патниците на задните, затоа што ставиле појас. Тоа воопшто не е смешно, напротив. Ако некој што седи зад вас не е врзан со појас, во случај да дојде до директен судир, може да ве убие или сериозно да ве повреди – тврдат експертите.