Деновиве се состана тричлената комисија за доделувањето на наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“. Комисијата ја сочинуваат Јана Михајловска (библиотекарка и претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија; претставничка на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач). На конститутивната средба, членовите на комисијата ги разгледаа доставените книги и имаа консултативен разговор во врска со процедурата околу изборот и начинот на работа на комисијата. За наградата „Драги“ се номинирани 37 преведувачи од 16 издавачи и едно приватно издание.
На состанокот со задоволство беше констатиран исклучително високиот интерес на преведувачите и издавачите за конкурсот на наградата „Драги“, која треба да ја стимулира преведувачката дејност и да го подигне квалитетот на преведените дела.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.
Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот итн. Тој објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор. В.Д.