Загрозени приливи од 800 милиони евра од ЕУ за Бугарија поради тромавата бугарска државна администрација

Бугарската држава се соочува со голема веројатност да изгуби стотици милиони евра од ЕУ-фондот „Праведна транзиција“, средства со кои треба да им помогне на работниците во секторот за јаглен да се преквалификуваат и да најдат нови работни места

Подготвил: Mарјан Велевски

Како дел од климатскиот пакет „Зелен договор на ЕУ“, кој има цел ЕУ да биде јаглеродно неутрална до средината на векот, Брисел одвои 55 милијарди евра во фондовите „Праведна транзиција“. Средствата беа предвидени и издвоени уште во 2021 година, за поддршка на работниците во индустриите за јаглен, за истите тие да се преквалификуваат и да најдат нови работни места.

Инертна и неефикасна администрација на Бугарија

Бугарија е единствената земја од ЕУ што допрва треба да поднесе детален план за тоа како ќе се трошат парите од фондовите „Праведна транзиција“ за поддршка на работниците во индустријата за јаглен, што е предуслов за Софија да има пристап до европските финансиски средства. Софија веќе изгуби 100 милиони евра со промашување на претходната цел, а ќе загуби уште 800 милиони евра доколку не постапи навреме за годинашниот рок.

Ваквата разврска доаѓа откако бугарските пратеници во јануари гласаа за укинување на предвременото исфрлање на јагленот, договорено со Европската комисија, ставајќи во опасност дополнителни милијарди евра од ЕУ поврзани со нејзиниот план за закрепнување по пандемијата.

– Губењето на парите е најголемиот ризик сега… а губењето на вработувањето е најлошото сценарио – рече Радослав Рибарски, пратеник во бугарската парламентарна комисија за енергетика, кој го претставува срцето на јагленот во земјата – Стара Загора, додавајќи дека тој навистина се сомнева дека Владата „ќе успее за толку кратко време“.

Рударите, невладините организации и локалното население ги обвинуваат неколкуте влади во земјата – кои беа вовлечени во интензивни политички превирања во последните две години – за постојаните одложувања.

– Ништо не беше направено. Никој не сака да ги преземе негативните политички последици – тие сакаат да ѝ го остават тоа на следната влада и да одолжуваат – рече Живко Тодоров, градоначалник во регионот Стара Загора, кој е дом на 11.000 работници на јаглен и комплексот Марица Изток, каде што три централи на јаглен исфрлаат над 40 милиони тони еквивалент на јаглерод диоксид во воздухот секоја година.

И покрај тоа што крајниот рок за поднесување на планот е крајот на оваа година, на бугарските пратеници им беше кажано дека на Комисијата вообичаено ѝ требаат шест месеци да го разгледа документот, што, според Рибарски, создава временски теснец што брзо се намалува. Граѓаните, а особено работниците (во индустријата за јаглен), се сомневаат во таа посветеност, велејќи дека последователните влади не успеале јасно да комуницираат за нивните планови или да продолжат со конкретни мерки.

Бугарија е најинтензивна јаглеродна економија во ЕУ

Бугарија е најинтензивна јаглеродна економија во ЕУ и сè уште се потпира на јагленот за производство на околу една третина од својата електрична енергија. До половина од емисиите на јаглерод диоксид во земјата сè уште доаѓаат од користењето јаглен.

– Во голема мера нема прифаќање на идејата за праведна транзиција и пад на јагленот бидејќи овде во регионот… нема напор информациите да се донесат на транспарентен начин – рече Румјана Грозева, која ја предводи агенцијата за регионален развој (СЗРЕДА) во Стара Загора што ги обединува локалните засегнати страни за да го планираат процесот на транзиција.

Предизвикот на владата е комплициран од постоењето на силните и гласни синдикати за јаглен, кои вршат голем притисок да ги одржат отворени производствените капацитети.

Со или без средства од ЕУ, аналитичарите тврдат дека Бугарија се соочува со само три години пред да биде загрозен голем дел од нејзиниот сектор за јаглен.
Две централи на јаглен во земјата, во сопственост на американските фирми АЕС и „Контур глобал“, имаат корист од долгорочните договори со фиксна цена и ефективно добиваат владини субвенции кога цените на електричната енергија се пониски од производствените трошоци на централите. Но, кога тие договори ќе се затворат до 2026 година, истата владина поддршка нема да биде можна.