Фото: М.Т

Игор Џамбазов и Игор Атанасоски-Гуру Харе синоќа го претставија својот албум „Првите 30“ пред голем број пријатели, колеги, соработници и обожаватели. Промоцијата се одржа во „Биргарден“ во Дебар Маало во Скопје. Имаше од се помалку, ред ретро музика во избор на Зоки Бејби, песни испеани во живо од Џамбазов и Гуру Харе од новиот албум, кои свиреа на своите гитари, ред сеќавања, средби со драги луѓе и делење на пофалници за долгогодишна соработка на музичарите кои биле со нив изминатите три децении.

Освен што се потпишуваше албумот, Игор Џамбазов го потпишуваше верувале или не, 20-то издание на неговата најчитана книга „Гол човек“.

Новиот албум, кој е печатен во „Сони Австрија“ содржи 17 песни. Дизајнот е на Елисавета Бејкова, а фотографијата на обвивката е на Иван Наунов. Всушност станува збор за компилација од она што овој креативен тандем го создал изминатите 30 години. Старите, веќе познати песни се во нов ремикс, некои се повторно снимени во студиото Тра ла ла“ на Мите Димовски, кој е и продуцент на албумот. Има и нови, како „Дебела сенка“ и „Пеј“, кој доби и своја видео приказна во режија на Стефан Рајхл и нивната верзија на песните „Заветна“ и „Ако умрам ил загинам“. Од постарите секако тука се: нивната прва заедничка песна „Да си жив и здрав“, „Две експреса и бонаква“, „Право дома“. „Диши длабоко“, „Оver dose од blues“,„Каква е оваа ситуација“, „И семето и племето“…

Фото: М.Т
Фото: М.Т
Фото: М.Т

– Албумот не случајно го промовираме на 4 јули, во наше време Ден на борецот, зашто јас и Харе сме познати борци против шундот и кичот на естрадата – рече Игор Џамбазов.

И тој и Харе се потсетија на поинтересните моменти од нивната 30 годишна соработка, некои ставени и во песните кои го положија тестот на времето и се актуелни и денес. Станаа химни на неколку генерации, што е уште една потврда за нивната вредност.

Бидејќи и Џамабзов и Харе постојано настапуваат и се во контакт со својата публика, се надеваме дека тоа ќе ги инспира за нивниот следен „бест оф“ албум да не чекаме цели 30 години.

М.Т