ЕУ (можеби) ќе направи напори да ги тргне од вокабуларот билатералните прашања од пристапниот процес, но само затоа што тие се веќе стипулирани во досегашните документи и процедури од пристапниот процес. Но со таквиот нивни блеф, со цел да почувствуваме некакво олеснување, доаѓа нивното строго инсистирање на спроведување на копенхашките критериуми. Засега јасно е како ден дека ни се испорачани и двете работи како барања, во пакет: и билатералните прашања како услов и копенхашките критериуми, повторно како услов. Што се однесува до вторите, имајќи предвид како стои Македонија во овој дел, јасно е дека децении напорна работа е пред нас…
ЕУ-дипломатите со јасна порака: Тридецениската транзиција ви помина, време е за реформи по „бриселски терк“
Последните пораки што деновиве пристигнуваат од дипломатските претставници во земјава јасно покажуваат дека Европската Унија повеќе нема намера да ѝ прогледува низ прсти на Македонија кога станува збор за внатрешните реформи во сите области, почнувајќи од правосудниот систем, преку администрацијата, до борбата со криминалот и корупцијата.
Сето ова јасно покажува дека ниту една власт во земјава повеќе нема да може да се вади на кооперативноста во делот на надворешната политика, а состојбите внатре во државата да се катастрофални и дополнително да се запоставуваат.
Најпрво австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас побара буквален ремонт на македонското правосудство, за ден подоцна и холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп да повтори дека власта треба да престане да се фокусира исклучиво на уставните измени, а да заборава на реформскиот процес, кој е исклучително важен за евроинтеграциите.
– Премногу сте фокусирани на прашањето за уставни измени, за нас, како Холандија, тоа прашање не е важно, туку важни се реформите – вели Коп.
Тој категорично ги отфрли констатациите дека Македонија е таа што чека во европската чекалница поради новите услови што постојано ѝ се поставуваат.
– Не, ние предолго чекаме на вас – истакна Коп.
Според него, македонските власти воопшто не се фокусирани на реформите и повеќе се занимаваат со други работи.
– Неопходните реформи можеа да бидат направени пред 10-15 години, а не беа направени. Неиздржано е да се зборува за евроскептицизмот од тој аспект, дури е и навредливо, зашто по 20-30 години поддршка за да влезете во ЕУ, прашањето е каде се милијардите, каде се и што се случи со обуките што ги спроведувавме. Зошто сите нови правила и регулативи не се правилно имплементирани? Дали е тоа прашање на менталитетот – отворено запраша Коп.
Холандскиот амбасадор упати и остра критика поради нефункционалните институции и целосно се согласи со својот австриски колега околу критиките за судството.
– Вистинскиот проблем е што луѓето немаат доверба во институциите. Таа доверба е десет пати помала во споредба со земјите од ЕУ. Луѓе се жалат на судовите, обвинителството, полицијата… Добиваме писма и мејлови. Па, ние не сме слепи – заклучи амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп.
Ваквиот директен и остар наратив говори само едно, дека ЕУ нема да се занимава со предизвикот на т.н. билатерални прашања од пристапниот процес (затоа што тие веќе се спакувани во европската преговарачка рамка за нас и се разбира дека нема потреба од нови), туку Брисел сега уште повеќе ќе ја стегна јамката и строго ќе инсистира на исполнување „услови плус“, односно спроведување на копенхашките критериуми, токму на оние што ние ги бараме, но како единствени, не во пакет со билатералните предизвици. Но, за жал, копенхашките критериуми нема да бидат единствени како услов, туку тие сега одат во пакет со билатералните прашања, за кои е познато дека се веќе вградени во документите од процедурата за нашиот пристап кон ЕУ.
Имајќи предвид дека Македонија стои лошо во делот од системското реструктурирање, особено со нефункционалните политизирани институции, нестручната и кабеста администрација, судството и обвинителството во кое граѓаните немаат доверба, растечкиот криминал и корупцијата, станува јасно дека ЕУ го изгуби трпението и инсистирањето на земјите од Западен Балкан за побрзо членство ќе го тампонира со сопствено инсистирање на сеопфатни и видливи реформи, без, притоа да прифаќа празни ветувања на лидерите од регионот. Добар дел од вината носи и самата ЕУ, која наместо во годишните извештаи за напредокот на земјава да биде остра и децидна за слабостите, таа ги филуваше според одредени потреби, па придонесе во земјава да се креира состојба во која и без да се случуваат реформи, на крајот повторно се добива позитивен извештај.
Едно е сигурно, сега Унијата е решена да остави впечаток дека повторно го заживува процесот на проширување, какво и да биде тоа… Можеби во две или три лиги, но истовремено е решена од Македонија и сите други земји-кандидати да направи некаков исчекор во насока на создавање функционални држави со здрави институции и ниско ниво на корупција, заради превентивна самозаштита на ЕУ, да не увезе „системска сепса“ во Унијата.
На критиките на амбасадорите исклучително жестоко реагираше професорката Мирјана Најчевска, која смета дека на земјава ѝ е потребна технократска влада, бидејќи политичките влади досега не ја исполниле својата задача и не направиле никакви реформи затоа што постојано на клучни позиции се наоѓале погрешни луѓе.
– По сите страшни изјави на странските амбасадори во Македонија, мислам дека е време за технократска влада. Ептен е згрешена работата. Нема крпење. Мора да ги ампутираме ДУИ, СДСМ и ВМРО и сите нивни сателити за да преживееме. Не станува збор веќе за тоа дали некој некого ќе вработи или ќе му даде тендер. Станува збор за целосен колапс на државата како резултат на 30 години погрешни одлуки и погрешни кадри на раководни позиции – смета Најчевска.
И другите аналитичари и познавачи на евроинтегративните процеси сметаат дека прашање на време беше кога ЕУ ќе побара од Македонија да си ја сработи домашната работа.
– Не мораше ЕУ да ни кажува, самите требаше да ги направиме реформите заради нас. Доколку имавме напредок во реформите, немаше да дојдеме до ситуација билатералните прашања со Бугарија да ни бидат вградени во пристапниот процес и протоколи. Ќе се трансформиравме во одржлива држава, која знае да си го чува интегритетот. Сите овие години повторуваме дека реформите се потребни заради нас, но никој не слуша. Напротив, ни кажуваат дека ни требале камшикари за да направиме нешто. Е па, еве го камшикарот сега, да видиме дали ќе направиме нешто, и по основа на билатералните услови, и по основа на копенхашките критериуми – заклучуваат соговорниците.