Фото: Игор Бансколиев

Победниците на 12-те групи (со по четири или пет репрезентации) ќе се пласираат на СП 2026, а 12-те второпласирани и четири селекции од Лигата на нации ќе учествуваат во плејофот (за уште четири учесници на Мундијалот). Слично беше и според актуелниот формат, но имаше 10 групи (со по пет или шест селекции). Европа сега ќе има 16 репрезентации на СП, три повеќе отколку досега. Претходен пат кога во Европа имаше групи со по четири или пет селекции беше во циклусот за пласман на СП 1990

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе ѝ препорача на Светската фудбалска федерација (ФИФА) формат за квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година, поделен во два дела, групна фаза и плејоф, пишува УЕФА. На тој Мундијал треба да настапат 16 европски репрезентации, три повеќе отколку досега.
Групната фаза ќе се состои од традиционалниот формат на натпревари дома и на гости, но ќе се игра во 12 групи со по четири или пет репрезентации. Победниците на 12-те групи директно ќе се пласираат на СП 2026, а 12-те второпласирани ќе учествуваат во плејофот, заедно со најдоброрангираните четири победници по групи во Лигата на нации од сезоната 2024/2025, кои нема да бидат во редовните квалификации на првото или на второто место во своите групи.
Слично беше и според актуелниот формат, но имаше 10 групи со по пет или шест селекции, победниците на групите играа на СП 2022, а второпласираните и две селекции од Лигата на нации учествуваа во плејофот, за уште три места на Мундијалот во 2022 година. Претходен пат кога во Европа имаше групи со по четири или пет селекции беше во циклусот за пласман на СП 1990, кога првопласираните и шест второпласирани од седумте групи играа на планетарното првенство во 1990 година.
Натпреварите од плејофот ќе се играат со полуфиналиња со по еден натпревар, проследени со финалиња со еден натпревар, а 16-те селекции што ќе влезат во плејофот ќе бидат извлечени во четири плејоф-патеки со по четири репрезентации.
Воведен е нов формат за младинската Лига на шампионите. Натпреварувањето ќе се приспособи на промената на форматот на сениорските клупски натпреварувања и ќе вклучи 36 младински тима на клубовите што се пласирале во Лигата на шампионите од сезоната 2024/2025 (патека на Лигата на шампионите). Патеката за домашни шампиони ќе биде реструктурирана за да ги вклучи домашните младински шампиони на сите земји-членки на УЕФА (во моментов учеството е ограничено на првите 32 федерации на ранг-листата). Н.М.