Неколку пораки на унгарскиот премиер дадени во интервју за германскиот весник „Ди велт“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан даде интервју за германскиот весник „Ди велт“ во Будимпешта, во кое го искажа својот став за текот на војната во Украина. Орбан смета дека Киев ќе остане без војници. За да ја спасат Украина, САД и Русија треба да почнат веднаш да преговараат за мир, тврди унгарскиот премиер.
Ако војната продолжи, Украина ќе изгуби огромни количества богатство и многу животи, а ќе има незамисливо уништување
И покрај првичните успеси на украинската контраофанзива, Орбан сепак смета дека победата на Украина против Русија е „невозможна“. „Проблемот е што Украинците ќе останат без војници порано од Русите. И тоа ќе биде одлучувачки фактор на крајот“, рече тој.
Затоа, тврди тој, „секогаш се залага за мир, мир, мир“. „Во спротивно, Украина ќе изгуби огромни количества богатство и многу животи, а ќе има незамисливо уништување“, вели Орбан.
Орбан тврди дека навистина се грижи за спасот на Украина. Единствената можност за тоа ја гледа во „Американците да започнат преговори со Русите, да склучат договор за безбедносна архитектура и да најдат место за Украина во таа безбедносна архитектура“.
Тој исто така го оспори единственото право на Украина да одлучува за текот на војната: „Украина повеќе не е суверена земја. Тие немаат пари, немаат оружје. Тие можат да се борат само затоа што ние на Запад ги поддржуваме“.
Орбан скептичен за намерата НАТО да ѝ даде безбедносни гаранции на Украина
Шефот на унгарската влада е многу скептичен за намерата на НАТО да ѝи даде безбедносни гаранции на Украина на самитот во Вилнус во јули. Тој наведува дека „тоа не е унгарска идеја“, туку „најверојатно дојде од седиштето на НАТО“. Не знае точно кои се гаранциите, но сака да го погледне предлогот.
„Првиот чекор е прекин на огнот, а потоа преговори“, вели Орбан. Само тогаш можеме да разговараме за „гаранции за мир, односно за воени или безбедносни гаранции за Украина“. „Значи, тоа не е првиот чекор, туку третиот или четвртиот“, рече тој, а потоа додаде: „Не треба да почнуваме од крајот“. Орбан не кажа дали Украина може да стане членка на НАТО по војната.
Орбан смета дека политиката на санкции на претседателката на ЕУ и Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, кон Русија е неуспешна. „Тие сакаа да ја доведат Русија на колена со санкции и со тоа да го доближат континентот до мирот. Ништо од тоа не се случи“, рече тој.
Тој беше изненаден што „тие – под водство на комесарот, таа Германка“ – не се во состојба правилно да ги обликуваат санкциите, рече тој. „Тоа е едноставно неуспех. Сега се поставува прашањето која е целта, како сакаме да ја постигнеме“, заклучи Орбан.