Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” од Скопје (ИМЈ) со отворени денови обележува два јубилеи – 70 години од неговото основање и 120 години од издавањето на книгата “За македонцките работи”.
Денес, во амфитеатарот на Институтот директорката проф. д-р Елена Јованова-Грујовска во своето обраќање ја претстави работата на ИМЈ. По неа следеа излагања на претставниците на институтите од регионот, од Белград, Љубљана, Сараево, а доцент д-р Баковиќ зборуваше за програмата на Катедрата за македонски јазик и литература при Филозофскиот факултет во Загреб.
За негувањето на македонскиот јазик меѓу Македонците во Албанија говореше м-р Васил Стерјовски, професор при Универзитетот “Фан Ноли”, Корча и пратеник во парламентот во Албанија.
Се промовираа и најновите изданија на ИМЈ – Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција-том втори, списанијата Македонски јазик и Македонистика и Етимологика Македоника.
Вработените во Институтот ја претставија работата на истиот по области и на крајот беше емитуван филмот посветен на 70 годишнината на ИМЈ.
Беа поделени и плакети, признанија и благодарници на вработените во ИМЈ.
Отворените денови на ИМЈ продолжуваат и во наредните два дена во Скопје со Осмата меѓународна конференција “Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања” а во сабота се одржува тркалезна маса на Комисијата за фонетика и фонологија при Меѓународниот славистички комитет во Струмица