Американскиот носач на авиони „Џералд Форд“ се закотви во близина на Сплит, пренесe „Јутарњи лист“.
„Џералд Форд“ е најновиот и најголемиот носач на авиони во американската морнарица, но и најголемиот воен брод во историјата кој е пуштен во употреба.
Тој е првиот носач на авиони во својата класа (наречен по него – класа „Форд“), а во оперативна услуга беше прифатен во 2017 година.
Развојот на бродот траеше со години, а вкупните трошоци се искачија на дури 13 милијарди долари (без да се вклучат парите потрошени за развој на целата класа).
Бродот е со гигантски размери – долг е 337 метри, висок 76 метри, а неговата носивост надминува 100.000 тони.
Се напојува со два нуклеарни реактори, кои му овозможуваат да плови речиси 25 години пред да го замени нуклеарното гориво.
На бродот има повеќе од 4.500 морнари и друг персонал, вклучувајќи пилоти и луѓе кои управуваат со сите авиони на бродот (вкупно до 75 авиони и хеликоптери).
Пред две години, носачот го привлече вниманието на јавноста бидејќи системите за слетување и полетување сè уште беа нестабилни и неколкупати не успеаја во повеќе од три години од испораката на бродот.