Екипажот на подморницата „Титан“ е изгубен, нејзината рамка за спуштање на дното и задниот капак се пронајдени денеска меѓу остатоците недалеку од потонатиот брод Титаник, соопшти компанијата „Оушн Гејт“.
„Се верува дека исчезнатиот екипаж на подморницата е мртов по катастрофална имплозија“, објави „Си-ен-ен“.
– Сега веруваме дека нашиот извршен директор Стоктон Раш, Шахзаде Давуд и неговиот син Сулејман Давуд, Хамиш Хардинг и Пол-Анри Наргеоле, за жал се исчезнати – се вели во соопштението на приватната компанија.
Во соопштението се вели дека патниците биле вистински истражувачи кои споделувале посебен дух на авантура и длабока страст за заштита на светските океани.
– Ова е исклучително тажно време за нашите посветени вработени кои се исцрпени и длабоко тажни поради оваа загуба. Целото семејство на „Оушн Гејт“ е длабоко благодарно на мажите и жените од многуте организации на меѓународната заедница кои толку напорно работеа на оваа мисија – соопштија од компанијата.