ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ФИНАЛЕ, МАНЧЕСТЕР СИТИ – ИНТЕР 1-0
Овој трофеј е многу тешко да се освои. Не можеше да биде поинаку и го знаевме тоа. Да се победи во ова натпреварување и да се освои тројната круна е многу тешко. Да го направиме она што го направивме во претходните шест сезони е неверојатно. Не е само Лигата на шампионите, туку многу, многу титули, рече тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, пренесе „Скај спорт“, по освојувањето на годинашната титула во Лигата на шампионите
Манчестер сити ја освои својата прва титула европски првак, откако во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во Истанбул во саботата го победи Интер со 1-0 (стрелец Родри во 68. минута).
– Среќен сум, но, во исто време, тие можеа да постигнат гол, а ние да загубиме. Задоволни сме со нешто уникатно, освојувањето на тројната круна – изјави Пеп Гвардиола, тренерот на Манчестер сити, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА), на својата интернет-страница.
Манчестер сити е шестиот англиски тим со европска титула.
– Овој трофеј е многу тешко да се освои. Не можеше да биде поинаку и го знаевме тоа. Ова натпреварување е како фрлање паричка. Но ние бевме таму. Мислам дека беше напишано во ѕвездите сезонава дека ни припаѓа и го направивме тоа. Да се победи во ова натпреварување и да се освои тројната круна е многу тешко, па затоа денешниот начин не е важен, туку само да се направи тоа. Не сакам да исчезнеме по една Лига на шампионите. Мораме да работиме повеќе. Има тимови што ја освојуваат Лигата на шампионите и исчезнуваат, мораме да го избегнеме тоа. Знаејќи ме мене, тоа нема да се случи. Да се освојат пет Премиер-лиги е исклучително, но луѓето рекоа не, мора да освојувате тројни круни секоја сезона за да бидете комплетни. Добар сум, но не сум доволно добар за да освојувам тројна круна секоја сезона. Лигата на шампионите е многу тешка. Реал Мадрид има способност да го прави тоа од година на година. Луѓето се преправаат дека Премиер-лигата не е ништо. Сега можеме да добиеме заслуги за петте Премиер-лиги. Да го направиме она што го направивме во претходните шест сезони е неверојатно. Не е само Лигата на шампионите, туку многу, многу титули – рече Гвардиола, пренесе „Скај спорт“.
Манчестер сити е 11-ти тим што сезоната ја круниса без пораз и десеттиот што ја освои тројната круна, по трофеите освоени сезонава во првенството и во ФА-купот на Англија.
– Многу сме среќни. Тешко е да се каже со зборови што се случи. Знаевме дека сите зборуваат за тројната круна. Притисокот беше тука, но овој тим е изграден да се справи со притисокот на најдобар можен начин – рече Илкај Гундоган, капитен на Манчестер сити, пренесе УЕФА.
Ерлинг Холанд од Манчестер сити ја освои и „златната копачка“ за најдобар стрелец на ЛШ сезонава, со 12 гола. Тоа е негов втор ваков трофеј, откако признанието го доби и пред две сезони.
– Се чувствувам неверојатно. Во моите најлуди соништа, никогаш не би помислил дека ќе го освојам ова како 22-годишен. Но тоа покажува дека е можно за момче од мал град во Норвешка – вели Холанд, пренесе УЕФА.
Интер играше за четвртата титула.
– Морам да им честитам на моите момци. Тие беа очигледно тажни и многу разочарани, но мора да бидат горди на нивната сезона и на финалето што го одиграа. Одиграа одличен натпревар вечерва.Очигледно не заслуживме да загубиме. Игравме против врвен тим, но Интер одигра одлично финале. Можам да им кажам на навивачите на Интер дека се исто како моите момци, дека би ги прегрнал еден по еден, бидејќи беа фантастични во текот на целата сезона. Ќе беше фантастично да го поделам овој трофеј со нив победувајќи го најсилниот тим во светот, но бевме таму цело време, бевме на исто ниво со Манчестер сити. Сите сме многу разочарани, но како што реков во петокот дека никогаш нема да ги сменам моите играчи со некои други играчи и вечерва сите видоа зошто го кажав тоа – вели тренерот на Интер, Симоне Инѕаги, пренесе „Скај спорт“.