Употребата на лекот „осимертиниб“ по операција го намали ризикот од смрт кај пациентите со рак на белите дробови за 51 отсто, пренесува „Гардијан“.
– Пред 30 години не можевме да направиме ништо за овие пациенти. Сега го имаме овој моќен лек – изјави заменик-директорот на Центарот за рак на универзитетот „Јеил“ и главен автор на студијата за ефектите на „осимертиниб“, Рој Хербст.
Тој изјави дека бројката од 50 проценти е голема работа, особено во случајот со ракот на белите дробови, кој е многу отпорен на терапии.
Говорејќи на Светската конференција за рак на белите дробови во Чикаго, Хербст рече дека „возбудливите резултати“ им додадоа уште поголемо значење на претходните наоди, кои покажаа дека пилулата може да го намали ризикот од враќање на болеста за половина.
Тој посочи дека некои пациенти во Велика Британија, САД и други земји веќе имаат пристап до лекот. Во извештајот на компанијата „АстраЗенека“, која го произведува лекот „осимертиниб“, се наведува дека лекот покажал невидена и многу значајна придобивка кога станува збор за преживувањето на пациентите.
Се додава дека по пет години, 88 отсто од пациентите што секојдневно го земале лекот сѐ уште се живи по отстранувањето на туморот, во споредба со 78 отсто од пациентите третирани со плацебо. Ракот на белите дробови е најсмртоносниот рак, од кој годишно умираат речиси два милиони луѓе.