КОШАРКА – НБА, ФИНАЛЕ

Кошаркарите на Мајами го добија вториот натпревар од финалето во НБА-лигата, на гостински терен против Денвер со 111-108 и израмнија на 1-1 во победи (се игра до четири победи). Денвер беше многу блиску со второ славење, оти во текот на мечот имаше 15 поени предност, а последната четвртина ја почна со водство со осум разлика. Џамал Мареј имаше можност да израмни во последните секунди, но промаши шут за три поени. Третиот натпревар треба да се игра во Мајами, в четврток наутро.
Повторно Никола Јокиќ беше најпрецизен на мечот, со 41 кош, имаше и 11 скока и четири асистенции, а го следеа Мареј со 18 поени и 10 асистенции и Арон Гордон со 12 поени. Кај Мајами доминираше Гејб Винсент со 23 поени, а Бам Адебајо и Џими Батлер уфрлија по 21 кош.

Според НБА, само тројца кошаркари постигнале повеќе од 500 поени, имале повеќе од 200 скока и над 150 асистенции за време на плејофот во една сезона. Станува збор за легендарниот играч на Бостон, Лери Бирд, сегашниот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, и актуелниот на Денвер, Јокиќ. Г.И.